Пробна електрификација на германските автопатишта
► Инфраструктурата што ќе ги напојува електричните камиони како тролејбусите е инсталирана на првите 10 километри од германскиот аутобан меѓу Дармштат и Франкфурт
Идејата што се појави уште во 2012 година за електрификација на автопатиштата, започна да се остварува. Концептот eHighway над асфалтот ќе донесе висечки напонски кабли со кои ќе се напојуваат електричните возила, пред сé камионите. На тој начин тие практично ќе функционираат како тролејбусите во градовите, со таа разлика што ќе возат со брзина до 90 километри на час. Системот што го разви Siemens пробно е активен на десет километри автопатот меѓу Дармштат и Франкфурт, во обете насоки. Со овој систем ќе се напојуваат хибридни дизел-електрични камиони кои на оваа делница пробно ќе сообраќаат до 2022 година. Во склоп на пилот-проектот овој облик на напојување ќе биде тестиран готово секојдневно во реални сообраќајни услови, а битно е и тоа што сета енергија ќе доаѓа од 100% обновливи извори, како уште еден обид да се намалат емисиите на јагленород диоксид во Германија. Каблите над автопатот имаат еднонасочен напон од 670 волти и програмирани се автоматски да се исклучат во случај на оштетување. Камионите се подесени така да при наидување на нив го подигнуваат интелигентниот пантограф што ги допира, со што започнува полнењето на нивните батерии. Дополнително, во случај тие да имаат произведено вишок енергија со регенеративно кочење, таа може на истиот начин да биде вратена во електроенергетската мрежа.
Проектот е финансиран од германското министерство за заштита на околината со 14,6 милиони евра во фазата на изградба и поставување на столбовите и каблите, и со уште 15 милиони евра за самото тестирање. Вкупно се потрошени околу 70 милиони евра за развој на оваа технологија. Ако се покаже дека системот е исплатив и корисен, можно е да се прошири на околу илјада од вкупно 13-те илјади километри германски автопатишта. Во Siemens нагласуваат дека освен драстичното намалување на штетни издувни гасови од дизел моторите на камионите, оваа технологија овозможува и заштеда за транспортерите од 20.000 евра по камион на секои 100.000 поминати километри. Слични технологии моментално се тестираат и во Шведска и САД.