Акустични плафони

Малку повеќе од обичен гипс-картон

За подобрување на акустичниот комфор во просториите потребна е контрола на бучавата

Плафонските облоги мораат посебно да се разгледуваат кога од просторијата каде се вградуваат се бараат акустични својства, бидејќи додека преградните ѕидови најчесто треба да служат и за звучна изолација, акустичните плафони можат да ги подобрат акустиката во просторијата и апсорпцијата на звукот. Постојат два вида акустични плафони – за звучна апсорпција и за звучна изолација, технички различни и наменети за решавање на различити барања.

За намалување на нивото на бучава и подобрување на чистотата на звукот потребни се системи акустични плафони кои ќе ја апсорбираат бучавата од нејзиниот извор и рефлектираната од сите површини во просторијата – ѕидовите, подот, мебелот. За ваквите звучно апсорбирачки плафони се користат перфорирани гипс-картонски или касетирани акустични плафонски плочи. Имено, кога емитиран звучен бран ќе удри во некоја површина, дел од неговата енергија се апсорбира, а остатокот се рефлектира. Во просторија без било каков апсорбирачки материјал емитуваниот звук ќе се одбива, односно рефлектира од сите површини, што како резултат ќе даде мешавина од неколку рефлексии кои создаваат ефект на ехо. Ова ехо ја намалува разбирливоста на звукот, кој со тоа станува бучава. Нелагодноста во просториите доста често е поврзана со оваа појава која се нарекува реверберација или одекнување.

Додавањето на апсорбирачки материјали на рефлектирачките површини е еден од најчестите начини за подобрување на акустичниот комфор во објектите. Плафонските системи за апсорпција на звук користат плочи кои специјално се конструирани така да ја намалуваат реверберацијата на звукот, а со самото тоа и ехото. Тие исто така ја подобруваат разбирливоста на говорот, овозможувајќи изговореното да се слушне и разбере. За да се одбере соодветен систем на акустични плафони мора да се дефинираат изворот и јачината на бучавата која се создава во просторијата, намената на просторијата и евентуалните ограничувања со разни прописи, како и кои апсорбирачки површини веќе постојат во просторијата. На основа на тоа може да се избере вистинскиот плафонски систем за да се постигне посакуваното време на реверберација или коефициент на апсорпција.

Изборот на акустичен плафонски систем треба да се заснива на акустичната класификација на објектот. Нивото на способност за апсорпција на материјалите се мери со коефициентот на акустична апсорпција кој зависи од фреквенцијата. Овие коефициенти на акустична апсорпција ги дефинираат класите на акустични перформанси и пропишани се со стандардот EN ISO 11654. Производите и системите од класата А имаат најдобри својства на апсорпција и значително го подобруваат акустичниот комфор. Оние материјали кои имаат коефициент на апсорпција помал од 0,1 воопшто не се сметаат за апсорбирачки производи бидејќи поголем дел од звукот се рефлектира од нивната површина.

Се разбира, различни видови објекти имаат различни барања за апсорпција. Кината, хотелите или концертните сали на пример бараат високо ниво на апсорпција на звукот, така што треба да се применат материјали од класа А или B. За другите згради понизок коефициент на апсорпција (класа D или Е) може да биде доволен да се обезбеди акустичен комфор. Класите на апсорпција на звукот не се дефинирани според видовите објекти, но поголем дел од прописите се однесува на класа C. Обично прописите за звук го дефинираат времето на реверберација. Физичките принципи кои ја дефинираат звучната изолациска моќ на лесна плафонска конструкција се идентични како и оние кои се применуваат на преградните ѕидови. Звучната изолациска моќ се подобрува на ист начин, односно со употреба на соодветни гипс-картонски плочи, конструкција и сврзен прибор. Меѓутоа, сврзниот прибор што може да ја пободри звучната изолациска моќ не е ист меѓу преградните ѕидови и плафони, бидејќи ѕидовите се вертикални а плафоните хоризонтални. Плочите за акустичните плафонски системи се изработуваат во различни големини и варијанти, а можат да се вградат и на горните делови на преградните ѕидови за да се постигнат потребните акустични својства.