Вештачка трева

Убаво, практично и веднаш!

Производителите на синтетичка украсна трева имаат вложено многу труд за да со изгледот ја приближат на вистинската, негувана и свежо искосена трева и да и дадат повеќегодишен век на траење и отпорност на разни надворешни и временски влијанија, со што им направија голема услуга на оние кои не сакаат или немаат време да се занимаваат со природната трева

За љубителите на градинарството и природата, вештачката трева сигурно не е производ кој може да привлече внимание. Дури може и да се каже дека секое зборување за вештачки тревник за нив би бил низок удар. Сепак вештачката трева може да се третира како вид на подна облога, во некои случаи и неопходна. Таа сепак е резултат на различните интересирања и склоности на луѓето, посебно оние кои имаат недостиг на слободно време. Благодарејќи на неа неброените часови кои се потребни за подигнување и одржување на природен тревник (подготовка на теренот, сеење, наводнување, косење, прихранување, чистење на плевел…) тие можат да ги посветат на некои други активности. Плус на тоа, алатот, средствата и механизацијата кои се користат за одржување на природен тревник воопшто не се мала ставка во буџетот. Од друга страна, пак, сé што треба за вештачката трева се големи и остри ножички, а кога ќе биде поставен вештачкиот тревник и нив можете да ги подарите некому. Сума-сумарум, почетното вложување во вештачки тревник само на прв поглед е високо, бидејќи трошоците за долгогодишно одржување на природен тревник се уште повисоки.

Украсната вештачка трева обично доаѓа во ролни широки 2 или 4 метри, долги до 25 метри. Се поставува на рамна, добро натапкана земја посипана со слој од пар сантиметри песок или ситен чакал. Споевите на ролната се лепат со полиуретански еластичен лепак на спојните ленти. Самата трева обично е доволно тешка цврсто да лежи на земјата, но доколку е потребно може да се зацврсти со жица свиткана во облик на буквата П. Основата на тревата има отвори за истекување на водата, па таа може да поминува низ тревата во земјата. Ако ролните се поставуваат на тврда подлога (бетон, плочки или асфалт), неопходно е таа да има благ пад заради истекување на водата. Вештачкиот тревник мора трпеливо и прецизно да се скрои. Бочниот пресек секаде треба да биде скриен со рабници од цигла, камен, чакал, дрво и слично. Едноставно речено, целиот тревник треба малку да „потоне“ во околниот терен бидејќи бочниот пресек најмногу го издава. Правилото „три пати мери, еднаш сечи“ овде посебно важи, бидејќи поправките се тешки, а грешките грди. Ако не се скрои како треба, вештачкиот тревник ќе изгледа како зелен итисон, а тоа е токму она што треба да се избегне.

Изборот и видот на украсна вештачка трева зависи од архитектурата во која се сака таа да се вклопи. Геометриските форми повеќе бараат темнозелена еднобојна ниска трева, додека на лежерните неформални градини ќе им личи прошарена трева со извиткани „суви“ тревки во долниот слој. Доколку вештачкиот тревник освен за украс ќе служи и за игра и разонода, пријатно ќе биде да се разлади со вода за време на топлите летни денови. Тој многу повеќе се грее на сонце отколку природната трева. Затоа треба да се предвидат прскалки или приклучок за црево. Декоративната вештачка трева се користи и за ентериер. Малку вештачка трева ќе им даде живост и ведрина на ладната строгост и сериозноста на големите камени површини. Застаклените тераси и базени исто така можат да се украсат со мали вештачки тревници. Пожелно е да се остави можност тревата понекогаш да се измие со поголема количина вода, бидејќи со време на неа ќе се налепи фина прашина која тешко може да се исчисти на друг начин.

За крај можеме да кажеме дека вештачка трева, украсна или спортска, е производ кој сé повеќе ќе го освојува нашиот животен простор, им се допаѓало тоа на градинарите или не. Причината е едноставна – убаво, практично и веднаш!