Алијансата GM-PSA повторно активна
► После две години молк, алијансата GM-PSA повторно се јави со вести во врска со своите проекти
General Motors и PSA Peugeot Citroen се чекор поблизу до реализација на својот прв заеднички проект – ново лесно комерцијално возило кое ќе ги замени Peugeot Partner, Citroen Berlingo и Opel Combo. Планиран за 2018 година, овој доставен модел ќе биде развиен на најновата архитектура на PSA од Б-сегментот и ќе се произведува во нивната фабрика во Виго, Шпанија. Пристапот кон неговото конструирање ќе биде избалансиран според барањата на двете компании, а возилата меѓусебе ќе се разликуваат во согласност со корпоративниот дизајнерски изглед. Opel уште одамна се откажа од сопствен развој на Combo, кој од 2011-та е ребрендирана верзија на Fiat Doblo.
Ова е прва вест после две години молк за активностите во врска со постоечкиот договор за заедничка соработка меѓу General Motors и PSA Peugeot Citroen постигнат во 2012 година. Јавноста веќе мислеше дека нема да има ништо од соработката бидејќи во меѓувреме многу нешта се променија и на двете страни. Со постигнатиот договор се предвидуваат три заеднички возила – покрај споменатото лесно доставно возило од Б-сегментот за двата производитела уште и повеќенаменско возило од Ц-сегментот за Opel/Vauxhall и кросовер од Ц-сегментот за Peugeot. Покрај развојот на возилата, GM и PSA тогаш се договорија и за заеднички набавки и за истражување на можностите за други глобални проекти. Беше планиран и развој на нова генерација мали трицилиндрични мотори, но после деталното разгледување идејата беше отфрлена. Се очекува(ше) двете компании заеднички да произведуваат 700 илјади возило годишно.