Камион, ван, пикап и автобус на годината

Време е за награди!

Крајот на годината е време кога се делат награди на најуспешните – годинава тие отидоа во рацете на DAF, Iveco, Volkswagen и Irizar

Секогаш во центарот на вниманието, годишните награди не се само признанија за добро завршена работа – тие се добар патоказ за купувачите што да очекуваат од своите возила. Ги има многу, но најценети се оние глобалните кои ги доделуваат интернационални жирија составени од специјализирани новинари. Во сегментот комерцијални возила тоа се титулите меѓународен камион, ван, пикап и автобус на годината.

DAF XF/CF

Годинешниот освојувач на престижната меѓународна титула камион на годината е DAF XF/CF. „Со воведувањето на новите XF и CF серии, DAF поставува нови стандарди во долголинискиот транспорт во погледот на ефикасноста и вкупните перформанси“, накратко објасни Џаненрико Грифини, претседателот на жирито за избор на меѓународен камион на годината. Во согласност со правилата, оваа награда се доделува на индивидуално возило или моделска серија претставени во периодот од претходните 12 месеци, кои имаат најголем придонес во патниот транспорт, врз основа на неколку важни критериуми кои вклучуваат техничко-технолошки иновации, комфор, безбедност, возни својства, економичност, заштита на околината и вкупни трошоци на сопственост.

Оваа година жирито имаше доста тешка задача бидејќи освен DAF, во конкуренција влегоа Iveco Stralis NP long-haul 460 HP со погон на природен гас и Scania XT кој е наменет за градежниците. DAF ја освои титулата со 104 бода, во доста тесно гласање. Жирито составено од 23 члена посебно ја вреднуваше новата линија MX-11 и MX-13 мотори добро ускладени со автоматизираниот менувач ZF Traxon со 12 степени на пренос, како и најновата Predictive Cruise Control функција базирана на GPS технологијата.

Iveco Daily Blue Power

Со гласовите на 25-членото стручно жири, Iveco Daily Blue Power е прогласен за меѓународен ван на 2018 година. „Му честитаме на Iveco на импресивните развојни достигнувања со Daily Blue Power. Iveco отсекогаш бил на чело на одржливоста во сегментот на лесни комерцијални возила. Новата Blue Power програма ја потврдува оваа позиција“, рече Јарлат Свини, претседателот на жирито.

Iveco Daily Blue Power серијата е составена од три возила, или попрецизно едно возило со три различни погона: Daily Electric, Daily Hi-Matic Natural Power и Daily Euro 6 RDE 2020 Ready. Daily Electric, како што му кажува ознаката, е 100% електрично возило со нулта емисија штетни материи, наменето за градска достава и дистрибуција, со автономија од 200 km во реални урбани услови на сообраќај и батерии оптимизирани за тешки временски услови. За нивно брзо полнење потребно се околу 2 часа, а достапен е и Eco-Power режим на возење во кој голем дел од кинетичката енергија се користи за дополнување на батериите. Daily Hi-Matic Natural Power е прво лесно комерцијално возило кое како гориво користи природен гас, а за пренос на силината користи Hi-Matic 8-степен менувач. Го задвижува 3.0 F1C мотор со 136 KS и 350 Nm максимален вртежен момент, кој во однос на Еуро 6 нормите произведува за 76% помалку ПМ честички и за 12% помалку NOx азотни оксиди. Во урбани услови на возење, благодарејќи на автоматскиот менувач, потрошувачката на гориво е за 5% помала, а во случај на користење на био-метан како гориво, активната емисија на CO₂ е помала за 95%. Daily Euro 6 RDE 2020 Ready е прво лесно комерцијално возило верификувано за новите 2020 Real Driving Emissions (RDE) стандарди. Неговите решенија независно се верификувани од страна на холандската организација за применета наука Netherlands Organisation for Applied Scientific Research (TNO), а пазарно се достапни веќе сега, заради што овој модел е далеку пред конкуренцијата.

Во потесен избор за ван на 2018 година влегоа уште и Ford Transit Custom и Volkswagen Caddy TGi.

Volkswagen Amarok

Меѓународното жири за избор на пикап на годината го додели ова престижно признание за 2018-та на Volkswagen Amarok. „Многу сме благодарни на титулата и почествувани со одлуката на стручното жири. Со новиот Amarok ги послушавме желбите на купувачите и понудивме повеќе сила и вртежен момент, а исто така и повеќе способности на било кој терен. Ветуваме дека ќе продолжиме да испорачуваме најдобри решенија за нашите купувачи за да им ги олесниме нивните секојдневни работа и живот“, изјави Екхард Шолц, претседателот на управниот одбор на одделението на Volkswagen за комерцијални возила. „Прецизноста и еластичноста на моторот поставуваат нов стандард во овој сегмент. Перформансите не се предизвик за Volkswagen Amarok, а широкиот избор на силина од 120 до 190 kW ги исполнува потребите на различни групи потрошувачи“, е наведено во образложението на жирито.

Меѓународната награда за пикап на годината се доделува секоја втора година со избор на членовите на жирито за ван на годината составено од реномирани новинари кои независно ги оценуваат возилата според претходно дефинирани критериуми. Volkswagen Amarok во 2010 година веќе го освои ова признание, со што стана единствен пикап кој тоа го стори два пати. Жирито имаше тешка задача бидејќи побарувачката за овие возила расте, а согласно на тоа и производителите ја следат состојбата на пазарот и на купувачите им нудат нови возила. Така, годинава во потесен избор за ова признание покрај Volkswagen Amarok се најдоа уште и Toyota Hilux и Mercedes-Benz X-класа.

Irizar i8

Жирито кое го сочинуваат претставници на 22 водечки европски списанија за комерцијални возила му ја додели на Irizar i8 титулата автобус на годината. Ова е прв пат некој модел на Irizar да ја освои најпрестижната награда во светот на автобусите. Во конкуренција за неа беа уште и Iveco Evadys, Mercedes-Benz Tourismo, Neoplan Tourliner, Scania Interlink и VDL Futura FDD2. Жирито го награди големиот напредок што Irizar го постигна минативе години, со што успеа да се позиционира меѓу најдобрите независни производители на автобуси.

Irizar i8 е добар спој на дизајнот, технологиите и одржливоста и нуди исклучителен комфор како за патниците, тако и за возачот и совозачот. Овој модел е најпрестижниот производ на шпанската фабрика. Во изборот учествуваше триосната верзија со должина од 14,07 метри во Integral изведбата, што значи дека Шпанците сами ги произведуваат не само надградбата туку и шасијата која во овој случај не доаѓа од други производители, а опционално се нуди и од нерѓосувачки челик. За погон се користи DAF погонски склоп со 13-литарски MX-13 мотор со 510 KS и автоматизиран ZF менувач. Автобусот може да се пофали со доста атрактивен дизајн кој не е резултат само на естетските критериуми туку и аеродинамично оптимизиран, а го карактеризираат остри рабови и хромирани додатоци, додека комплетното осветлување, како однадвор така и внатре, е изведено во ЛЕД технологија. Патничкиот простор има потполно рамен под и доста удобни патнички седишта со широк горен дел на наслонот, кои доаѓаат од сопствен развој.