Најскапите светски градби

Скапотијата всушност е релативна

► Луѓето зад себе низ вековите имаат оставено огромен број импресивни градби, кои покрај величината и убавина ги одредуваат и парите што биле потрошени за да се изградат

Топ-листата на најскапите градби на планетата е долга, но на самиот врв е осамено – една градба целосно се издвојува како според цената, така и според толкувањето дали навистина може да се најде на оваа листа, бидејќи не е на планетата на која сме и ние. Зборуваме за меѓународната вселенска станица која сепак е изградена на земјата и чини 150 милијарди долари. Датира од 1998 година кога првата нејзина компонента е испратена во вселената. Составувана е и кружи околу земјата во пониската орбита на растојание од 330 и 435 километри, со брзина нешто помала од 28.000 километри на час. Иако планирано до 2011 година, нејзината градба сé уште не е комплетирана докрај, така што и цртата под сметката за цената на чинење не е подвлечена. Заеднички проект е на пет вселенски агенции (американската НАСА, рускиот Роскосмос, европската ESA, јапонската JAXA и канадската CSA. Димензиите и изнесуваат 109 метри ширина и 51 метар должина, а тежи 420 тони. Досега на неа престојувале 236 лица од 18 држави, најмногу Американци, а некои и повеќе пати. Може да се види од земјата со голо око.

Да се вратиме на површината, каде како најскапи и едни од најкомплицираните проекти од градежништвото се браните, односно хидроцентралите. Најскапа таква во историјата е кинеската Три Клисури, за која постојат спротивставени податоци за тоа колку чинела. Според кинеските власти, во неа се вложени 203 милијарди јуани, односно 32 милијарди долари. Според странски проценки пак, таа чини најмалку 50 милијарди, а некои радикални проценки досегаат и до 100 милијарди. Разликата во цената е главно заради различните начини на пресметка на трошоците. Имено, оваа брана на реката Јангцекјанг зад која езерото кога водата е максимално ниво е долго 660 километри и зафаќа површина од околу илјада квадратни километри. Има 32 турбини од 20 kV (секоја со дијаметар од 9,7 до 10,4 метри и тешка по 6.000 тони) и два помошни генератори со вкупна инсталирана моќност од 22.500 MW, што е еднакво на околу 15 нуклеарни реактори, или со наши бројки изразено 32 пати повеќе од РЕК Битола. Се градеше од 1994 до 2012 година, а заради неа беа раселени 1,3 милиони луѓе и поплавени 1.208 историски локалитети.

Самата брана е долга 2.335 метри и висока 181 метар. За тоа се употребени 27,2 милиони кубни метри бетон и 463 илјади тони челик, а се ископани 102,6 милиони кубни метри земја и карпи. За нејзината големина сведочи и фактот дека според податоците на американската агенција за истражување на вселената, ова хидроелектрана заради промената на текот на водата, односно создавањето огромен резервоар на огромна количина вода на 110 метри над нивото на реката, ја има забавено ротацијата на земјата и го има продолжено просечното траење на денот за 0,006 микросекунди. Таа сепак произведува најмногу струја во светот – 11% од потребите на Кина за електрична енергија, а властите проценуваат дека ќе се исплати после 10 години полна работа. Нејзиното големо влијание на економијата се огледува во заштитата од поплави – во долината на реката Јангцекјанг се остварува половина од земјоделското производство на Кина и три четвртини од оризот. Плус на тоа, сега по реката место од по 3.500 тони, можат да пловат бродови од 10.000 тони.

Трета (или можеби дури и втората) најскапа градба во светот е целосно неочекувана, бидејќи се работи за забавен парк за кој се потрошени околу 40 милијарди долари. Станува збор за Ferrari World Abu Dhabi кој се смета за највозбудливиот тематски парк во светот. Се градеше меѓу 2007 и 2010 година, се доградуваше до 2015-тата и сé уште по нешто се додава во него. Има неколку десетина атракции меѓу кои и 5 воза на смртта со тематика од Ferrari. Најбрзиот од нив со кој Арапите се фалат и гордеат, Ferrari Rosa, за пет секунди достигнува брзина од 240 km/h. Овој забавен парк е распослан на површина од 86.000 квадратни метри кои се покриени со голема кровна структура на која се наоѓа логото на италијанската марка автомобили со димензии 65×48,5 метри. Дневната влезница чини 73 евра.

Ќе се префрлиме на аеродромите, кои исто така се скапи градби но не толку како оние од светот на забавата кои се пред и зад него. Станува збор за аеродромот во Пекинг кој после 5 години и 12 милијарди долари беше отворен есенва. Го има најголемиот терминал во светот сместен во една зграда со површина од 700.000 квадратни метри, а се очекува од 2025 година да прима по 72 милиони патници и 2 милиони тони стока пристигнати со 620.000 авиони годишно . Констриуран е за оптимален проток на патници заради што најоддалечениот гејт е на само 600 метри од пунктот за безбедносна контрола.

Има уште мноштво градби кои заслужуваат да бидат спомнати, на пример калифорниската брза железница (33 милијарди) или тунелот под Ламанш (22 милијарди), но ние ќе се префрлиме на неколку „поевтини” градби, кои чинеа пар милијарди. Повеќето се хотели, меѓу кои најскап е Марина беј сендс во Сингапур кој има повеќе од 2.500 соби, музеј, седум светски познати готвачи, трговски центар, коцкарница со маси и преку илјада слот-машини… Чинеше 6 милијарди долари, малку повеќе од гинисовиот рекордер по големината, одморалиштето Светот на Сентос, исто така во Сингапур, кое се состои од шест тематски различни хотели со вкупно 1.500 соби.

Друг екстралуксузен и прескап хотел е Палатата на емирите во Абу Даби која чинеше 4,5 милијарди долари и во која елитните гости можат да уживаат во апартманите обложени со злато. Тука е и незаобиколниот Лас Вегас, во кој за најлуксузниот хотел Космополитен се вложени нешто повеќе од 4 милијарди долари. Следат новоизградениот Светски трговски центар во Њујорк кој е највисока зграда на западната хемисфера и трета по висина во целиот свет, но и резиденцијата на претседателот на компанијата Reliance Industries сместена во срцето на јужниот дел на Мумбаи, Индија, која според многу нешта важи за најскапа „куќа” на светот. Се наоѓа на брегот на океанот, има 27 ката, ја одржуваат околу 600 луѓе, а е подигната 2010 година на земјиште чиј квадратен метар чинеше 10.000 долари. За неа беа потрошени 2,5 милијарди долари.

Тука треба да го споменеме и според светските медиуми најскапиот автопат на планетава кој се наоѓа во Уганда. Долг е 51,4 километри и чинеше 476 милиони долари, или еден километар за 9,26 милиони долари. Но како стојат работите, приматот ќе го презеде кога ќе биде готов нашиот автопат Кичево-Охрид, чии 57 километри ќе чинат 598 милиони евра, односно 658 милиони долари според сегашниот курс, што значи дека еден километар ќе нé чини малку над 11,5 милиони долари. Затоа после сето ова спомнато брана-забавен парк, тунел-аеродром-хотел, ќе се запрашаме нели всушност скапотијата е релативна?