Нов автопат се гради во Србија

Ниш се поврзува со Драч

Согласно плановите за европско регионално поврзување, започнува изградбата на автопат кој ќе ги поврзе Ниш и Драч

Настрана политичките препреки, европските тела настојуваат да ги истераат до крај своите проекти кои во голема мерка ќе влијаат на иднината на регионов. Еден од е и кракот од автопатот од коридорот 10 (Е-75) кој Ниш ќе го поврзе со Драч, како продолжеток на трасата која од Бугарија води кон јужниот дел на Србија. За таа цел, европска инвестициска банка издвои 40 милиони евра како грант на Србија за реализирање на делот кој поминува низ нивна територија. Вкупната вредност на целата делница се проценува на 240 милиони евра, а остатокот на парите Србија повторно ќе ги добие од Европа, но во форма на кредити. Благодарејќи токму на неповратните средства, изградбата на првите километри од овој автопат ќе започне наскоро. Предвидени се надоврзување на веќе постоечката клучка кај Ниш, како и нови седум клучки сé до административната граница со Косово. Брзината за која ќе биде проектиран е 130 km/h, освен во зоната околу Прокупље каде заради обиколницата на населените места и ритчестиот терен ќе биде 100 km/h. Мал дел од трасата се поклопува со постоечките регионални патишта, кои ќе бидат проширени за да се вклопат во проектот. Ќе има и неколку тунели и мостови, а за да се комплетира, покрај српските 77 километри, и косовската страна ќе треба да изгради 22 километри. После тоа, вкупната должина на автопатот од Ниш до Драч треба да изнесува 384 километри.