Нова балканска соработка

Турците заинтересирани да градат автопатишта во Србија

Само два месеца откако беше најавен, новиот српски автопат наречен „Вожд Караѓорѓе“ веќе започна да го привлекува вниманието на странски компании заинтересирани за негова изградба

Според информациите на министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура веќе е разговарано со делегација на турската фирма Kalyon за можностите за соработка на инфраструктурни проекти во Србија, посебно во изградбата на брзи сообраќајници, вклучувајќи го и споменатиот коридор. Тој треба да се протега од Бор, да го сече автопатот Белград-Ниш кај Марковац и понатаму до местото Лајковац во срцето на Шумадија. Предвиден е и крак од Аранѓеловац до Белград. Вкупната должина 220 односно 270 километри со споменатиот крак, а ќе чини меѓу 1,7 и 2,3 милијарди евра во зависност од профилот (дали ќе биде полн автопат или пак брза сообраќајница) и бројот на приклучоци со останатите патишта. Датумот за почеток на неговата градба сé уште не е одреден, но на Србите не им се чека многу. За тоа сведочи и остварениот контакт со компанијата Kalyon. Таа е основана во 1974 година и има реализирано некои од најголемите проекти во Турција во областа на воздушниот, патниот и железничкиот сообраќај, вклучувајќи ја и изградбата на новиот аеродром во Истанбул. Моментално работи на проекти со вкупна вредност од околу 30 милијарди евра.