Тимот од Минхен подготвен за иднината
► Спектакуларно, MAN во Билбао, Шпанија, ја покажа новата генерација камиони
За прв пат после дваесет години и премиерата на тогаш новиот TGA, MAN Truck & Bus ја обнови целата гама камиони одеднаш. На нив некои работи се нови, некои познати од порано, а на некои сé уште ќе се чека. Со новата генерација камиони MAN сака да постави нови стандарди, пред сé во ориентираноста кон возачот и технологиите, со акцент на безбедноста и дигиталните услуги. Обновени се сите модели – лесниот TGL и среднотешкиот TGM наменети за дистрибутивни задачи, робусниот TGS за градежниците и предводникот на гамата TGX за транспорт на долги дестинации. Видливо изменети кај сите се кабините (ги има вкупно 8) со унифициран дизајн и поголема практичност. Маската која потсетува на муцката на лавот, заштитниот знак кој MAN го презеде од компанијата Büssing со нејзиното купување пред половина век, го потенцираат изгледот на новата серија.
Со новиот аеродинамичен дизајн доаѓаат и врвна ергономија и дигиталниот кокпит. Со менувачот сега се командува со копчиња поставени на рачка на столбот на управувачот, а на неговото место се наоѓа тркалезното SmartSelect копче со кое се контролираат доста функции во возилото. Класичните копчиња се задржани, секое е на местото каде треба да биде, а некои се и удвоени – на пример она за сите четири мигавци. Рачната сопирачката е автоматска, ретардерот 6-степен, но ретровизорите сé уште се оние старите, не се дигитални.
Палетата Euro 6d мотори сега се за 8 отсто поекономични и поеколошки, благодарение и на совршената интеракција со софтверските компоненти. На пример, темпоматот во содејство со GPS системот го води камионот оптимално според конфигурацијата на теренот. Од MAN посебно го истакнуваат најголемиот TGX кој доаѓа со избор од три серии мотори – D38 со моќност од 540, 580 и до 640 KS, D26 со 430, 470 и 510 KS и за полесни задачи D15 со 330, 360 или 400 KS. На располагање е како влекач со две оски и соло камион со три или четири оски. Градежничкиот TGS може да биде со две, три или четири оски и погон на сите тркала и ги има D15 и D26 моторите. Среднотешкиот (12-26 тони) има две или три оски и D08 мотор со 250, 290 или 320 коњи, чија најслаба изведба може да се добие и кај лесниот TGL (7,5-12 t). Покрај него, тој е достапен и со поекономичните четирицилиндрични верзии на овој мотор со 160, 190 и 220 коњи.
Во развојот кој траеше пет години во неколку круга стручњаците на MAN анкетираа повеќе од 700 возачи за да од прва рака дознаат што ги мачи во возењето и престојот во камионите. Покрај тоа, во Минхен беа повикани и 300 купувачи од вкупно 16 земји, кои поделени во тематски групи ги дефинираа најважните свои барања што ги имаат при набавка на нови возила. Информациите собрани на овој начин беа од големо значење при имплементирањето на бројните иновативни особини на новите камиони. Заради тоа од MAN велат дека новата генерација е доследно ориентирана на потребите на превозниците и треба оптимално да ги исполни сите транспортни задачи. За тоа ќе придонесат и дигиталните услуги со кои ќе се поедностави работењето на превозниците. На пример со проактивниот ServiceCare кој е целосно бесплатен се следи состојбата на возилата и нивните сопственици навреме се известуваат за претстојните сервисни активности.
Развојот на новата генерација камиони го чинеше MAN 12.000.000 работни часа, од кои 167.000 за дизајнот на кабините кои доаѓаат во 3.000 бои. Во проектот беа вклучени 2.100 од вкупноте 36.000 вработени во MAN. Прототипите поминаа 4.000.000 тест километри, а напишани се 2.800.000 линии софтверски код, од кој 70% е сопствен. Фабриката во Минхен веќе е подготвена за производство на новите серии, паралелно со постоечките кои ќе бидат во понуда уште некое време.