Нова генерација Volvo тешки камиони

Фокус на возачот

► Со акцент на опкружувањето на возачот, продуктивноста и сигурноста, Volvo Trucks претстави четири нови камиони – FH, FH16, FM и FMX, кои сочинуваат околу две третини од продажбата на компанијата

„Навистина сме горди на оваа голема инвестиција за иднината. Нашата цел е да се биде најдобар деловен партнер на нашите купувачи, правејќи ги уште поконкурентни и помагајќи им да ги привлечат најдобрите возачи на сé пожестокиот пазар”, кажа Рогер Алм, претседателот на Volvo Trucks. Токму овие негови зборови најдобро илустрираат што сé Швеѓаните направија. А сето тоа тргна од сé поголемата побарувачка за патен превоз, која предизвика бројот на искусни возачи ширум светот да стане недоволен. Европските проценки покажуваат дека околу 20 отсто од сите работни места за возачи се празни. За да на своите клиенти им помогне при вработувањето, но и задржувањето на најдобрите возачи, Volvo Trucks се усредочи на развој на нови камиони за да ги направи посигурни, поефикасни и поатрактивни како работни алатки за искусните и квалификувани возачи.

Камионите на компанијата се понудени со повеќе различни новодизајнирани и атрактивни модели на кабини кои можат да бидат оптимизирани за широк распон на примени. Кај долголиниските  камиони кабината всушност е втор дом на возачот, додека во регионалниот превоз таа често служи и како мобилна канцеларија. Заради тоа добрата видливост, ергономијата, удобноста, управливоста, ниското ниво на бучава и сигурноста беа клучни точки за развој на сите нови модели камиони на Volvo. Така, FM и FMX сега можат да се пофалат со потполно нова кабина која се одликува со многу функции на екраните на комбинираните инструменти како и кај поголемите Volvo модели. Нивната внатрешна зафатнина е зголемена за цел кубен метар, а видливоста сега е уште подобра заради поголемите стакла, спуштените линии на вратите и новите ретровизори. Управувачот со подеслив столб овозможува положбата во возењето во голема мерка да се прилагоди на возачот. Долниот кревет во делот на кабината за спиење е поставен на поголема височина отколку порано, што пружа поголема удобност и остава дополнителен простор под креветот за складирање. Дневната кабина има нова 40-литарска касета со внатрешно осветлување на задната страна на кабината. За понатамошни унапредувања на комфорот камионите добија засилена термо и звучна изолација и сензорски контролиран клима уред опремен со филтер со активен јаглен.

Подрачјето на возачот се одликува со потполно нов дел за информирање и комуникација, кој за цел има олеснување на надгледувањето и управувањето на различити функции и намалување на сеприсутниот стрес и одземање на вниманието при возењето. Целосно дигиталниот 12-инчен екран на комбинираните инструменти го олеснува изборот на потребните информации во секој момент, а дополнителниот 9-инчен бочен приказ на инфо-забавниот систем, поддршката за навигација, транспортните информации и надзор на камерите е на дофат на раката на возачот. Со функциите е можно да се управува и со копчињата на управувачот, со гласовни команди или преку екранот чувствителен на допир и неговите контролни копчиња.

Подобрувањето на безбедноста е постигнато со новите функции како што се прилагодливите долги светла кај FH и FH16, решение кое меѓу производителите на камиони прв го претстави токму  Volvo Trucks. Системот ја подобрува безбедноста на сите учесници во сообраќајот со автоматско редуцирање на интензитетот на ЛЕД долгите светла со гаснење на дел од нивните сегменти кога камионот се приближува до претстоечки промет или друго возило од задната страна. Возењето го олеснува и подобрува прилагодливата регулација на брзината и регулацијата на брзината на надолници која автоматски ги активира сопирачките кога е потребна дополнителна сила на кочење за одржување на константна брзина. Volvo динамичкото управување, заедно со сигурносните системи за одржување на коловозната лента и контрола на стабилноста е достапно како опција, а електронски управуваниот систем за сопирање EBS, кој е предуслов за безбедносните карактеристики како што е предупредувањето за опасност од судир со итно сопирање, од сега е дел од основната опрема на новите камиони. Системот за препознавање сообраќајни знаци ги детектира оние за ограничување на брзината, забрана за престигнување и видот на патот и ги прикажува на екранот на комбинираниот инструмент.

Заштитата на околината и економичноста се важни фактори за модерните превознички компании. Бидејќи нема да постои единствен извор на енергија кој ќе ги реши сите проблеми поврзани со климатските промени, а различни превознички сегменти и задачи ќе бараат различни решенија, неколку вида погонски склопови ќе продолжат паралелно да егзистираат во догледна иднина. На многу пазари Volvo FH и FM се достапни со плинскиот LNG мотор ускладен со Еуро 6 нормите кој нуди економичност во потрошувачката на гориво и перформанси споредливи со еквивалентен Volvo дизел камион, но со далеку поповолни еколошки карактеристики. Овој мотор може да биде задвижуван со биогас при што нема штетни емисии на CO₂ или пак со природен гас кој ги намалува за 20% во однос на дизелите. Новиот Volvo FH се одликува и со нов Еуро 6 дизелски мотор кој е вклучен во I-Save пакетот и овозможува значителна заштеда на гориво и намалување на емисиите на јагленород диоксид. На пример, во превозот на големи оддалечености, новиот FH со функцијата I-Save која го комбинира новиот D13TC мотор со пакет нови особености, може да заштеди до 7% гориво. Подобрени се и другите верзии, посебно во распределбата на вртежниот момент.