Нови MAN автобуси за Скопје

Гасификацијата навлезе и во градските автобуси

Со набавката на новите автобуси, Скопје конечно започна да раскрстува со дизелот како движечко гориво за градскиот превоз

Иако уште многу порано имаше обиди, до ден денес нашите градски автобуси останаа да трошат нафта како погонско гориво. Конечно, со набавката од MAN, низ улиците на Скопје ќе започнат да сообраќаат и еколошки градски автобуси. Се работи за модели на минхенскиот производител кои како гориво користат компримиран природен гас, односно CNG, чија главна енергетска состојка е метанот. Главни негови предности се далеку почистите издувни гасови во однос на моторите кои користат дизел, како и пониската цена пред сé затоа што таа не е оптоварена со акциза како дизел горивото. Недостатоците се лоцираат во немањето доволно развиена инфраструктура за полнење (што во случајот не е никаков проблем), како и во повисоката цена на возилата заради конверзијата на моторите и сместувањето на резервоарите за складирање на горивото кое е под висок притисок. Сепак, на ова компримираниот природен гас без поговор, барем во моментов, се гледа како на еколошки најприфатлива алтернатива на дизелот токму за градскиот превоз и така ќе биде додека струјата не завладее. Затоа и возилата со ваков погон имаат најголем пораст на продажбата.

Тоа MAN одамна го согледа и во својата гама автобуси нуди и такви кои го користат ова погонско гориво, фабрички прилагодени на него. Во понудата има повеќе модели, а градските власти не објавија прецизно точно за кои се работи. Од официјално достапните информации се знае само дека ќе бидат 12 зглобни и 21 единечен, нископодни, со 3 односно 4 врати и капацитет за 149 односно 85 патници. Сите ќе бидат со Еуро VI мотор. Наведено е уште и дека со нив се намалуваат цврстите честички во издувните гасови за 700% (?!), односно дека за разлика од сегашните кои емитуваат 0,137 g/km тие ќе емитуваат само 0,02 g/km цврсти честички. Во поглед на заштедите се споменуваат (преамбициозни) 25.000 евра по автобус на годишно ниво на име пониски трошоци за гориво.

Од MAN, пак, официјалните информации велат дека во нивната нова генерација автобуси со погон на компримиран природен гас се вградуваат E18 моторите од 9,5 литри чија основа е дизел агрегатот со ознака D15. Имаат по четири вентили на секој од шесте цилиндри, новоразвиен систем за рециркулација на издувните гасови и 3-степен катализатор. Постојат две верзии на овој мотор со номинална излезна сила од 280 и 320 KS и максимален вртежен момент до 1.200 односно 1.400 Nm. Сервисните интервали се предвидени на 30.000 km. Компримираниот природен гас се чува во резервоари на покривот, кои, во зависност од нивниот број, обезбедуваат автономија од околу 500 km со едно полнење. Треба да се напомене и тоа дека без дополнителни мерки овие автобуси се способни за ладен старт на температури до -15 °C.

Својот прв автобус на погон на компримиран природен гас MAN го има направено во 1943 година. Овој германски производител е лидер во Европа на ова поле. Вкупната цена што ќе ја плати градот за новите 33 автобуси кои ќе стигнат од хрватска фирма, со европски пари добиени на кредит, изнесува 9,85 милиони евра.