Пикапи

Нови играчи на Стариот континент

После долги децении запоставување, Европа станува сé поинтересна за пикапите

Новите модели пикапи што се појавија веќе ја менуваат сликата на пазарот, во која своето место го гледа и рускиот UAZ. Имено, овој производител познат по теренските возила веќе долго време ја мерка Европа, но сé досега без посериозен успех.

Првиот чекор беше направен со поланското обновување на пикап верзијата на моделот Patriot. Тогаш започнаа и активностите околу обезбедувањето негова европска хомологација, која деновите конечно пристигна на адресата на Улјановскиот автомобилски завод. Како влезна точка е избрана Италија, каде теренскиот пикап ја помина ревизијата на министерството за сообраќај и инфраструктура и ги доби потребните документи со кои се овозможува извоз на ова возило и во другите земји на Европската Унија.

Првата тура веќе е подготвена да тргне на пат кон Апенинскиот полуостров. Опремена е со четирицилиндричен ZMZ мотор со работна зафатнина од 2,7 литри, кој може да работи и на бензин и течен природен гас, кој ги задоволува еколошките Еуро 6 норми. Согласно барањата на пазарот, во Италија ќе му биде инсталирана дополнителна опрема.

SsangYong не е нов играч, ама возилото што го подготвува е нешто сосема ново – електричен пикап. Деталите за овој модел со кодна ознака H100 засега изостануваат – се знае дека работата на него веќе е започната, но тестирањата допрва претстојат. Според одговорните на корејската компанија, целта е да има автономија од 450 километри. Реално би можеле да го очекуваме во наредните години, најверојатно на почетокот на следната деценија. За него ќе биде развиена сосема нова платформа со погон на сите тркала, а планирани се и бензински и дизел верзии. Во меѓувреме SsangYong се обидува да ги шармира купувачите со новиот Musso, кој е единствен пикап на пазарот со 7-годишна гаранција.