Повеќенаменски теренски натоварувачи Gehl

Повеќе од алтернатива

Луѓето што имаат само слушнато за Gehl се малку – или воопшто не знаат за машините на овој производител, или пак доста добро знаат кои предности ги нудат

Во светот во кој владеат големите имиња најголемата предност на Gehl е што не спаѓа меѓу нив. Звучи контрадикторно, но во суштина е она што секој совесен раководител на машинскиот парк на некоја градежна компанија го бара – име на кое ќе му верува, а притоа набавката на опрема нема во целост да ја испразни сметката на фирмата. Дилемата е јасна – кога треба да се набави нова машина, веднаш се помислува на некоја од познат производител. А тие секогаш се (пре)скапи за одлуката да се донесе веднаш, без многу размислување. Затоа во понатамошната потрага се бараат алтернативи, попат учејќи за нивните предности и мани. Резултатот по правило е компромис кој не секогаш ги задоволува сите барања што се имаат – да не е така, нема да биде компромис. Во ваква констелација во која се наоѓаат најголем дел од нашите градежни компании, на сцена стапуваат алтернативите, кои можат да донесат доста заштеди, но и доста главоболки. Затоа во секој случај мора да се биде внимателен со проценката на информациите со кои се располага.

Кога зборуваме за Gehl, две работи треба да бидат јасни. Првата е дека оваа компанија од Висконсин, САД, е основана пред 160 години, а втората дека според големината воопшто не е мала, но бидејќи е специјализирана за мали машини се мисли дека е. Таа својот имиџ на мал производител идеално го надградува со гамата производи што ги нуди. Од 2008-мата е дел од француската група Manitou, која во целост го почитува името што го граделе и како на рамноправен партнер сите свои ресурси низ целиот свет ги има ставено на располагање на клиентите, сé со цел да се добие повеќе, а да се плати помалку.

А Gehl во маневрирањето на овој пазарен простор навистина е мајстор. Извиканите имиња во овој бизнис како големи играчи го креираат пазарот онака како тие сакаат, свесно оставаат простор кој не им се исплатува да го покриваат. Помалите играчи тоа вешто го користат за да се изборат за своето место под сонцето, нудејќи машини кои другите воопшто го немаат или пак ги немаат со такви карактеристики. Бидејќи се помали, предност им се флексибилноста, динамичноста и способноста за брзо прилагодување кон барањата на купувачите. Току затоа, луѓето што имаат само слушнато за Gehl, односно само дека таква компанија постои без да знаат што нуди, се малку. Секој што ќе се заинтересира за нивните машини веднаш дознава кои предности ги нудат, со пријатно изненадување без исклучок.

Главна карактеристика на сите машини на Gehl е тоа што се компактни. Опремен со сериозни капацитети, развојниот центар на компанијата голем дел од ресурсите насочува токму кон тоа – да се понудат мали и ефикасни машини со врвна технологија, со цел да ги предводат трендовите. Постојаното проширување на гамата производи, притоа задржувајќи ја оригиналноста, иновативноста и сигурноста, доведоа до тоа тие по многу нешта да ги надминуваат барањата на купувачите. Како најочит пример ќе ги земеме повеќенаменски теренски натоварувачи, од кои Gehl нуди две серии. Првата се вертикалните натоварувачи кои ги има три – V270, V330 и V420. Карактеристика им е вертикалното подигнување на товарот, која ќе биде добредојдена во олеснувањето на работата за многу бизниси од различни дејности. Висината до која можат да досегнат се движи меѓу 3,31 и 3,65 метри, а тежината на товарот што го подигнуваат од 1.125 до 1.906 kg. Цврстата рака со самонивелирање, нискиот профил на работа со супериорна распределба на тежината и кабината поместена нанапред се нешта кои Gehl ги истакнува. На хидрауличниот систем можат да се монтираат голем број разни додатоци со кои се прилагодуваат на работата за максимална ефикасност. Задвижувани се со Tier IV мотори со силина од 71 KS (Yanmar, V270 и V330) и 120 KS (Deutz) кај V420, кој може да се пофали и со тоа дека е најголем компактен натоварувач во светот.

Семејството радијални компактни натоварувачи брои 7 члена, означени од R105 до R260. Делат дел од карактеристиките како и вертикалните натоварувачи, како што е големата висина на подигнување на товарот која се движи од 2,75 до 3,12 метри. Носивоста им е во опсег од 476 до 1.179 kg, а моторот со силина меѓу 33 и 71 KS. Главна карактеристики им се прилагодливоста и маневрибилноста, овозможена од конструкцијата со малку подолго меѓуоскино растојание која ја зголемува стабилноста и е идеална за товарање камиони, односно подигнување товар на средни височини. Тоа ги прави погодни за сите можни комунални работи, во кои доста добро ќе се снајдат и заради исклучителната видливост на операторот кој е сместен во добро заштитена кабина.