Продолжение на иницијативата

„Зелените коридори“ во втората фаза ќе бидат можни и на премините со ЕУ

► Заедничкиот предлог на транспортната асоцијација на земјите од Југоисточна Европа и ЦЕФТА се подигнува на ново ниво

Воспоставувањето на „зелените коридори“ овозможи камионите кои според претходно утврдена листа превезуваат околу 700 специфицирани прехранбени и медицински производи да имаат приоритет при преминувањето на граничните премини без позначајни задржувања, што е посебно битно бидејќи во ова време на пандемијата и нарушениот транспорт за тие формалности некаде се чека и по два дена. Затоа примената на системот на „зелени коридори“ на одредени гранични премини во рамките на ЦЕФТА регионот во кој спаѓа и Македонија, е од големо значење. Тоа започна со одредено задоцнување, на 13 април, бидејќи владите на земјите во голема мерка беа преокупирани со справување со ситуацијата која се менуваше од ден во ден, но и пред тоа иако формално-правно не беа потврдени, препораките за негово функционирање општо се почитуваа. Сега тоа треба да биде доведено на повисоко рамниште, чија втора фаза на имплементација која се договара со европските партнери предвидува оваа иницијатива што е можно побрзо да се прошири и да ги опфати и граничните премини со државите членки на ЕУ, каде во моментов и се најголемите задржувања на камионите и проблемите со протокот на стока. Понатаму треба да следи оваа иницијатива да добие траен карактер и нејзиното спроведување да продолжи и после пандемијата, како и да освен стоката со хуманитарен карактер – храната, лековите и медицинската опрема, во некоја од наредните фази да се овозможи функционирање и во поглед на економскиот аспект, односно по „зелените коридори“ по забрзана постапка да поминува сé што е од стратешко значење за економиите на земјите од Западниот Балкан.