И во Србија растат платите на градежните работници
► Но не заради синдикатите, туку заради недостатокот на работната сила предизвикан од заминувањето на градежниците во странство
И српското градежништво се соочува со истите проблеми со работната сила – нејзиниот недостаток и зголемувањето на платите, што како трошок директно ќе се одрази на цената на градбите, пред сé на становите, но и на одржувањето на постоечките објекти. Недостатокот на квалификувани работници се чувствува во сите профили, а најкритично ќе биде во секторот за одржување на сложени енергетски системи, што може да ја отежни санацијата на некои потенцијални хаварии. Според градежната комора на Србија дневниците на помошните работници се движат од 25 до 30 евра, а на специјализираните мајстори во зависност од профилот и до 100 евра на ден. Добро се платени и операторите на покомплицираната градежна машинерија, кои заработуваат и по 2.000 евра месечно. Реагираа и државните институции – за да не дојде до проблеми и застои во спроведувањето на плановите за инфраструктурните проекти и воопшто на развојот на градежната индустрија, при крајот на минатата година е формирана работна група за координација и утврдување мерки за поттикнување на активностите во овој сектор, во која се претставници на пет министерства и здружението на банките на Србија.