Стандарди

Рамни палети

Рамна палета е рамна подлога со или без ножиња, на која се сложуваат поединечни парчиња од стоката со цел да се оформи единствена товарна единица со која може брзо и лесно да се манипулира со помош на вилушкар

Меѓународната железничка унија со цел – што поголема типизација и унификација, ги има препорачано следните димензии на палети: 800 х 1200 мм и 1000 х 1200 мм.

Кај нас како основна палета е усвоена палета со димензии 800х1200 мм. Во согласност со барањата на одредени видови производи може да се појават во употреба и други стандардизирани палети со димензии: 800 х 1000 мм, 1000 х 1000 мм, 1200 х 1600 мм,1200 х 1800 мм итн.

Освен стандардизирани, постојат и нестандардизирани палети на чија употреба зависи од особеноста и барањата на производите кои се сложуваат на неа.

Рамната палета треба да исполни два услови:

  • мора да издржи оптоварување најмалку трипати поголемо од нивната носивост
  • површината на долните страници ко налегнуваат на подлогата мора да изнесуваат најмалку 40% од површината на горните страници.

Специјални рамни палети

Специјалните рамни палети се разликуваат од обичните рамни палети со својот специфичен облик или со додадените елементи како надградба со цел безбедно сложување и транспорт на некои специфични видови товар. Ова особено се однесува на течните производи кои се транспортираат во буриња или боци.

На овој начин настанала и специјалната рамна палета за буриња со нафта и нафтени деривати со мас од 50 до 250кг, бурињата се сложуваат во хоризонтална положба, еден ред буриња на една специјална палета, па над нив друга палета со втор ред на буриња и др. Оваа палета ја има ознаката Кп-10, а нејзините димензии се 800х1200х300 мм, а маста се движи до 37кг.

Столбни палети

Столбната палета во својот наједноставен облик за сложување на различни товари на парче што можат да се сложат во доволно компактен пакет, но поради осетливоста на товарот или амбалажата на притисокот не може да се сложуваат повеќе палетни пакети директно еден до друг. За да може ова да се овозможи (бидејќи се работи и за штедење на површината на транспортните средства, а уште повеќе на складишните простори), за наведените видови на производи се применуваат столбните палети, при што столбовите од долните палети го носат товарот на горните палети. Столбната палета е слична на рамната палета, со таа разлика што ножињата од товарната површина продолжуваат (се издигнуваат) во столбови.

Бокс палети

Бокс палетата со својот облик и конструкција претставува премин од рамна и столбна палета кон контејнер. Тоа значи дека бокс палетата е наменета за рационализација на манипулативните, транспортните и складишните операции, по пат на окрупнување на ситни товари со неправилна форма и растресити производи кои што се непогодни за сложување во еден стабилен товарен пакет, на рамна или столбна палета, туку мора да се обезбедат од растурање со странични огради. Бокс палетите се употребуваат и за неамбалажирана и недоволно амбалажирана стока. Да напоменеме дека овие палети исто така се погодни за товари кои што не поднесуваат притисок што се јавува при сложување на повеќе палетни пакети еден над друг.

Доколку дрвената бокс палета има и капак, тогаш таа палета во извесна смисла претставува комбинација помеѓу палета и контејнер која што е наречена пул контејнер (палетен контејнер).

Палетата има можност за прифаќање со вилушкар од сите четири страни. Со неа може да се манипулира и со дигалка, кога се користат ушичките на врвот од столбовите кои што се наоѓаат на метална обвивка. Тие можат да се сложуваат најмалку во четири редови.

Димензиите на оваа палета изнесуваат: 800 х 1000 х 650 + 150 мм, а сопствената маса изнесува 110кг.

Како најголеми недостатоци на бокс палетите се сметаат нивните маси, поради што често се прават со решеткаста форма, како и тоа што зафаќаат ист простор (товарен, складиштен) и кога се превезуваат натоварени и празни. За да се елиминира вториот недостаток во поново време се конструирааат склопливи (сложливи) бокс палети.