Старите гуми се повеќекратно корисни

Ги мешаат во асфалт и добиваат дизел од нив

Австралијанците започнаа со процес во кој старите гуми ги мешаат во асфалт, при што како дел од производството на материјалот добиваат дизел

Овој асфалтен материјал делумно направен од рециклирани гуми веќе се тестира на улиците на Бризбејн и блискиот Голд Коуст во Квинсленд. Произведен од компанијата Austek Asphalt Production, материјалот познат под називот Carbonmastic би можел да ги ослободи депониите од милиони неупотребливи гуми. Поволен е за користење на градските улици бидејќи го намалува пукањето на асфалтот, а може да се постави и потенок слој бидејќи е појак и помазен. Плус на тоа, површината од него е потивка за возење. Се проценува дека на депониите во Австралија се наоѓаат околу 56 милиони гуми, додека низ целиот свет годишно се фрлаат 1,5 милијарди гуми. Со овој процес на користење на старите гуми за асфалт се добива и гориво, кое може да биде алтернатива на дизелот.