Рударство

Репарирање на дамперски пневматици

Ново си е ново, но ако знаеме дека еден дамперски пневматик чини колку скап автомобил тогаш на нивното репарирање се гледа како на нормална работа

А тоа всушност и е, благодарејќи на постоечките технологии за репарирање специјално прилагодени за големите дамперски пневматици. Освен по големината (и цената, секако), тие во многу што се разликуваат од пневматиците за другите типови возила и машини. Тоа е условено од самата работа – за илустрација ќе наведеме дел од спецификациите на еден дампер кои се однесуваат на неговата експлоатација. Во нив пишува дека е предвиден за работа при температура на околниот воздух од минус 50 до плус 40 степени целзиусови и релативна влажност до 80%, содржина на прашина во воздухот до 0,6 g/m³, брзина на ветрот до 20 метри во секунда (72 km/h) и на подрачја кои се наоѓаат на висина до 2.000 метри над морската површина. Да не беше ова последното, ќе кажевме дека ова звучи како „туристички проспект за пеколот“.

Плус на тоа, овие возила никогаш немаат видено ни рамен пат, а камо ли асфалт. Возат низ рудниците со површински коп со товар чија тежина никој не ја мери, по остри камења кои не можат да ги избегнат. И тоа мора да го прават нон-стоп, бидејќи секој нивни застој скапо чини. Одржувањето на овие возила е плански и строго прецизирано, бидејќи резервни делови за нив, вклучително и пневматици, не можат да се купат во продавница, ниту пак да се набавуваат по потреба. Сé што им треба мора однапред да биде нарачано и доставено на време, бидејќи ако се случи поголем застој на работата, тоа може да влијае на целата економија на државата. Причини зошто репарирањето на дамперските пневматици е неопходност има уште, но и овие се доволни за да се развие процес за оваа дејност кој ќе гарантира успешно и квалитетно завршување на работата.

А тој ни оддалеку не е едноставен. Напротив, токму неговата сложеност гарантира дека репарираниот пневматик успешно ќе се носи со предизвиците на работата. Самата поправка на пневматиците е условена од степенот на оштетување. Затоа и првата работа што се прави е детална инспекција на пневматикот за да се откријат оштетувањата и нивната сериозност. После тоа следи отстранувањето на слојот гума околу оштетеното место што се прави со специјална алатка за тоа, нешто како електрично длето. Гумата од надворешниот слој на пневматикот се отстранува во длабочина сé до носечкиот слој. Следи полирањето на работите на издлабеното место кое мора да се направи педантно, прецизно и целосно бидејќи не смеат да се остават нерамни површини. Неопходно е и чистење со жичена четка на и околу оштетеното место. Тоа пак се сече со остар нож, а отворената дупка се полира.

Следи најстручниот дел, кој започнува со вистинскиот избор на китот за репарирање – тука не е дозволена никаква импровизација. Најпознатиот светски производител на материјали и опрема за репарација на секакви пневматици Rema Tip Top има целосна понуда на китови за репарација и на дампeрските гуми. Следејќи ги нивните упатства, изборот на соодветниот кит за репарација воопшто нема да претставува проблем. Лепенката се нанесува од внатрешната страна на пневматикот така да нејзиниот центар се поклопува со дупката на оштетувањето, под агол точно како што е означено на неа. Од површината под неа се длаби слојот гума сé до каркасата, по што следат истите процедури како и однадвор – полирање и чистење на површината и нејзино прецизно обликување за точно налегнување на лепенката. Не треба да се заборави ниту целосното отстранување на гумените струготини – најдобро со правосмукалка.

Потоа од двете страни на пневматикот се нанесуваат два слоја од адхезивното средство, односно цементот. Лепенката се поставува на своето место и зацврстува со притисок, а нејзината надворешна површина која се наоѓа од внатрешната страна на пневматикот се гребе. Рабовите се покриваат со гума за заптивање, по што на целата нивна површина и околу неа се нанесува слој цемент. Врз тоа следи специјална леплива лента која се нанесува со посебна процедура. Со неа се покрива оштетувањето и од надворешната страна, врз што се нанесуваат толку слоја гума за заптивање колку што е потребно за пополнување на целата претходно направена дупка.

Како што се гледа, процедурата за репарирање на дамперските гуми ниту е едноставна, ниту брза и затоа треба да се препушти на специјалистите за тоа, меѓу кои е и Мотоцентар од Скопје како партнер на Rema Tip Top.