Нешто сепак се движи
Во време кога светот сé уште се мачи да започне да се врти, се одржуваат само мал број манифестации
Една од нив ќе биде 11-тиот конгрес на пиларите од Југоисточна Европа, што е традиционално собирање на претставниците од оваа индустриска гранка. Терминот му е закажан за 25 септември, а како и секогаш ќе се одржи во Славонски Брод. Хрватските организатори оптимистички очекуваат околу 250 учесници, кои за котизација во зависност од дејноста од која доаѓаат (преработувачи на дрво, производители на машини, консултанти или службеници во државни институции и во локалната самоуправа) ќе треба да платат меѓу 125 и 270 евра. Од котизацијата се ослободени само образовните институции – учениците, студентите и професорите. Тематски фокус на годинешниот конгрес ќе биде мобилизацијата на дополнителни количини суровина, повлекување средства од ЕУ фондовите и подобрување на конкурентноста на секторот со помош на иновациите и технолошките достигнувања.
На просторот на југоисточна Европа функционираат меѓу 2.300 и 2.500 пилани, со инсталиран капацитет од околу 6 милиони m³. Доминираат помалите пилани со низок степен на автоматизација, додека големи пилани од модерен тип, за среќа на дрвниот фонд на регионот, воопшто нема.