Што е и зошто служи?
► Без овој раствор нема ниту иднина, ниту сегашност за дизел моторите
Намалувањето на штетните емисии во издувните гасови отсекогаш било предизвик за инженерите. Во битката со нив за да го следат чекорот со сé построгите еколошки норми, тие се здружија со хемичарите. Со заеднички сили беше створен SCR системот за селективна каталитичка редукција кај дизел моторите, без кој веќе е невозможно да се исполнат стандардите. За негово функционирање е потребен AdBlue адитивот, некаде познат и под имињата AUS 32 и DEF. Тој претставува високопрочистен раствор на 32,5 процентни уреа (карбамид) и 67,5% дејонизирана вода кој не е отровен и запалив, но е доста корозивен. Се вбризгува во издувните гасови во каталитичкиот конвертор на дизел моторите, со што азотните оксиди (NOx) од издувните гасови и амонијакот од уреата се преобразуваат во безопасен азот и водена пареа. Целиот процес се одвива при високи температури.
AdBlue адитивот е течен до температури од -11,5 степени, но откако ќе се растопи може повторно да се користи без ограничувања. На температури над 60 степени целзиусови, пак, започнува да се разградува. Заради корозивните својства не смее да дојде во контакт со обоените метали, различни видови пластика и слични материјали. Не сме да се меша со горивото, заради што се чува во посебен резервоар и потполно автоматски се дозира при работата на возилото. Количината најмногу зависи од еколошките норми за кои е конструиран моторот и се движи меѓу 3 и 7 отсто во однос на горивото, чија потрошувачка, иако тоа не е правило, се намалува за толку. Количината штетни материи во издувните гасови, пак, се намалува и до 90 отсто. Кога ќе се потроши моторот ќе работи и без него, но ќе исфрла енормно поголеми количини штетни гасови, заради што електрониката ги намалува неговите перформанси сé додека не се дополни AdBlue резервоарот.
Законодавството на многу земји има пропишано казни за оние кои манипулираат со системите на возилата со кои нивните мотори ги исполнуваат нормите за чистота на издувните гасови. Пример за тоа доаѓа од Италија, поточно од Тоскана, каде полицијата откри возило со српски регистарски таблички со вграден таканаречен AdBlue емулатор, односно уред кој овозможува непречено возење и без AdBlue адитив. Негова задача е да ја „излаже“ контролната електроника на возилото дека во резервоарот за овој адитив има доволна количина за да не дојде до лимитирање на перформансите на моторот. На тој начин, превозникот е „ослободен“ од трошоците за AdBlue адитив, но и од трошоците за одржување на SCR системот кој во овој случај воопшто не се користи. Казната што ја има добиено српскиот превозник од италијанските власти изнесува 4.500 евра и заплена на камионот на три месеци. Слични вести стигнуваат и од Германија, каде контролите на источните граници се засилени во потрага по вакви AdBlue емулатори. Тие, за жал, покажуваат дека голем број превозници, посебно од Романија и Литванија, во камионите имаат вградено вакви уреди.