Ammann асфалтерски валјаци

Мазно ‘ко тепсија

Булеварите и улиците во Скопје и други градови низ Македонија го испратија летото со нов, мазен асфалт

Задоволство е да се вози по нов и мазен асфалт, исто колку и што не е ако тој е нов, но не е доволно мазен па возилата потскокнуваат. Како возачи тогаш сите негодуваме зошто работата не е направена како треба? Толку ли е проблем да се измазни новиот асфалт? Градежниците знаат каде лежи проблемот – тоа не е толку во квалитетот на асфалтот, ниту механизацијата што го положува која често кај нас е дотраена, колку што е во машините кои последни ја напуштаат сцената – валјаците кои му го даваат финишот на асфалтот. Нив обичен човек ги гледа како два тешки метални цилиндри со мотор чија задача е возејќи се ваму-таму да го мазнат асфалтот. Но, не е баш така. Како и секоја друга работна машина, и тие имаат специјализирани функции и можности. Со други зборови, навистина да беа само два тешки метални цилиндри со мотор, тогаш секој ќе ги произведуваше, а не денес тоа да го прават само грст компании во светот.

Една од нив е швајцарската група Ammann, која е специјализирана за машини за патишта, поточно за асфалтирање. Токму заради тесната специјализација не спаѓа во големите играчи, но гледајќи во сопствениот делокруг на работа и тоа како е голем – лидер е во производството на оваа опрема од која годишно има приходи од околу милијарда швајцарски франци и важи за едно од најдоверливите имиња во нискоградбата, имиџ што е стекнуван точно 150 години, време за кое целокупното насобрано искуство се преточува во нивните машини. Заради тоа градежниците ги ценат и во случајот со нашиот асфалт знаат дека ако се користат Ammann валјаци тој ќе биде мазен ‘ко тепсија.

Нив во своето портфолио групата ги има доста многу, од мали прирачни валјаци кај кои операторот оди зад нив до големи пневматски валјаци со неверојатна ефикасност. Најбројно е семејството тандем валјаци – петнаесетина модели со различни варијанти и изведби, со што нивната вкупна бројка скоро тројно се зголемува. Главни карактеристики им се лесната пристапност, исклучителната прегледност и едноставното ракување. Од Ammann сепак како прво го споменуваат ултимативниот комфор на операторот, кој според нив всушност значи зголемена продуктивност на работното место. На пример, удобното лоцираните и интуитивни контроли ја олеснуваат работата на операторот и му помагаат да биде поефикасен, а намалените вибрации на кабината значат помал замор и поголема сила применета на подлогата што се набива. Списокот продолжува, но приказната останува иста – удобноста на операторот е синоним за продуктивност.

Ние ќе го продолжиме списокот со другите нивни својства, како што е опционалниот ACE (Ammann Compaction Expert) автоматски систем за мерење и контрола на набивањето, кој е достапен со различни капацитети во зависност од потребите и обезбедува ефикасност во заштедата на трошоците. Погонот контролиран електронски овозможува непречено стартување и застанување, што е особено важно во асфалтните работи. Прилагодливиот управувач овозможува брзи промени меѓу порамнети и off-line валјаци, а двостепениот систем за филтрирање на распрскувањето располага со големи резервоари за вода кои ги продолжуваат интервалите помеѓу полнењата.

Што се однесува до механичките карактеристики, семејството тандем валјаци се состои од повеќе подгрупи. Лесните ARX вибрациони валјаци ги има во сериите 1, 2-2 и 2-4, во распон од 1.460 па до 4.690 килограми оперативна тежина, со работна ширина од 820, 900, 1.000, 1.200, 1.300 и 1.380 милиметри. Поголем дел од нив се опремени со систем за офсет поставување на работните цилиндри од 40 или 50 mm во зависност од изведбата, а сите со две фрекфенции и една или две амплитуди на работа, помалите со 58/66 Hz и 0,5 mm, а поголемите со 45/55 Hz и 0,6/0,4 mm. Купувачите можат да бираат меѓу EU Stage V или IIIA мотори, кои кај моделите од ARX 12 до ARX 20 се Yanmar, а кај ARX 23 до ARX 45 Kubota.

За поголеми зафати Ammann ги нуди ARP валјаците со вртливи барабани и зглобните AV валјаци, чии својства се за почит – оперативна тежина од 7.360 до 13.080 kg и работна широчина од 1.450 до 2.100 mm. Пневматските валјаци, пак, ги има два модела со балансирачка тежина од 9 до 24 односно 28 тони, и двата со Euro IV или IIIA мотори, овој пат од Deutz. Работната широчина им е доста слична – 1.986 и 2.040 mm, а тркалата (4+4) исти 11×20″ со централен систем за напумпување. Исостатичките осцилирачки оски обезбедуваат голема тракција и зголемена покриеност и квалитет на површината на која се работи, а кабината е пространа со седиште за операторот кое се ротира за 170°.

Се разбира, освен со асфалт валјаците можат да работат и со друга подлога за набивање.