Anhui Heli CPCD30 и 35

Златна средина

► Иако не најатрактивни по поглед на економичноста во споредба со своите гасни и електрични браќа, дизел вилушкарите се избор за кој никој нема да зажали што го направил

Ако гасните не смеат да работат во затворени простории, а електричните пак се проблематични ако се чуваат и користат на отворено и во влажни услови или пак во близина на лесно запаливи материи, за дизел вилушкарите не постојат никакви ограничувања. И не само тоа – тие се поиздржливи и полесни за одржување, но и подоверливи и подолготрајни кога не се води многу сметка за нив, така што нивниот избор и во услови за работа кога може да се користат гасните или електричните, има и тоа како смисла. Посебно во фирмите кои не можат на споредните работи во извршувањето на својата дејност да им посветат студиозно внимание и кои од објективни или субјективни причини мора да штедат на сé, па и на опремата.

133_04955428123910870_1280

Тука на дневен ред доаѓа и производителот од кој ќе се набави вилушкарот, при што кинеските марки се во недвојбена предност. Но кинески марки има многу и не се сите исти – поголемиот дел се познати по суперниските цени и дискутабилната издржливост и трајност на производите, но има и такви како што е Anhui Heli, чии производи се карактеризираат со употребата на компоненти од водечките производители како што се Nissan, Isuzu, Kubota и слични. Заради тоа и оваа фирма е еден од најголемите светски производители на вилушкари, чија гама дизел производи е солидно пополнета со вкупно 11 модели распределени во пет тежински категории од 1 до 10 тони. Меѓу нив посебно би ги издвоиле моделите CPCD30 и 35 од средината на понудата, кои имаат носивост од 3.000 и 3.500 kg. Тие во поглед на повеќе свои карактеристики, како и со односот цена-можности се вклопуваат во барањата на голем број компании и претставуваат оптимален избор кога мора да се прави компромис во поглед на флексибилноста и обемот на работа. Сопствената тежина им изнесува 4.375 и 4.935 kg и се сразмерно поголеми од најмалите, но доволно помали од најголемите модели во понудата на Heli за да ги задржат способностите за маневрирање. Нивната должина изнесува 3,8 метри, широчината на шасијата е 1,2 метри, а височината до врвот на кабината 2,1 метар. Минималниот радиус на вртење е само 2,4 метри, височината на подигнување на товарот 3 односно опционално 6 метри, а тежиштето на товарот е поставено на 500 mm. Слободниот од им изнесува 325 mm, висината на спуштениот јарбол 2,2 метри, а максималната височина на јарболот околу 4,3 метри, исто колку и работниот коридор.

044Еколошки прифатливите Isuzu или Kubota дизел мотори им обезбедуваат максимална брзина од 19 km/h, а трансмисијата е хидраулична со автоматски пренос со по еден степен за возење напред и назад. Стандардно доаѓаат со дуплекс јарбол со висина на подигнување од 3.000 mm, а можат да биде опремени и со дуплекс или триплекс јарбол со висина на подигнување до 6.000 mm. Должината на вилушките кои имаат 3 хидраулични команди изнесува 1.220 mm, класата за нивно закачување е 3А, а гумите се пневматски. Стандардно вилушкарот доаѓа со ергономско седиште со сигурносен појас, кровно заштитно платно и ретровизори, а опционалната опрема вклучува продолжени вилушки, полни гуми, двојни предни гуми, 4 хидраулични команди, катализатор за издувните гасови, челична кабина со греење, предно стакло со ПВЦ кабина, двоен филтер за воздух, задни работни светла и друго. Работното место е ергономски организирано, а за поголема безбедност во работата се грижат неколку интегрирани сигурносни системи. Подигнувањето се контролира со динамичко надгледување на хидрауличниот систем, што овозможува максимална брзина без товар и голема ефикасност и заштеда на енергија при оптоварувања, без нарушување на безбедноста во работењето. Во тоа своја улога има и работната сопирачка од повеќе диска потопени во масло. Во работата се скоро бесшумни, а едноставност во ракувањето постигната со ергономските контроли, кои заедно со LCD инструментите значително придонесуваат за висока ефикасност во работата.

1383043270_pogruzchik-heli-vilochnyy-fdg30

Anhui Heli има годишен промет од околу милијарда долари и е најголем кинески и осми производител на вилушкари во светот. Компанијата е основана во 1958 година и во континуитет ги следи светските трендови во развојот на технологиите на машините и опремата. Сите нејзини производи се проектирани да обезбедат сигурност и прегледност во управувањето, ефикасност во работата и издржливост во експлоатацијата, а имаат сертификат за квалитет во согласност со европските стандарди. Anhui Heli групата годишно произведува преку 50.000 машини за манипулација со товар кои ги пласира во повеќе од 70 земји ширум светот.