Apollo асфалтна техника

Ново си е ново

► Нема никаква дилема – сите добро знаеме дека ново си е ново

Да не си им во кожа ма нашите градежници – од една страна бројната конкуренција и битката за секој тендер постојано ги тера да мислат на набавка на опрема, а од друга малиот обем на работа и ниските приходи ги ограничуваат во тоа. Излезот, барем повеќето од нив, го гледаат единствено во купувањето половна опрема од странство. А таа пак уште повеќе ги намалува нивната ефикасност и приходи. И така во круг од кој навидум нема излез.

Клучниот збор во претходната реченица е – навидум. Имено, сеприсутната глобализација отвори можности за нови сознанија за производи за кои не сме ни знаеле дека постојат, од подрачја за кои имаме предрасуди створени врз основа на погрешни перспективи. Индија е типичен пример. За втората најбројна нација во светот имаме цврста слика дека е неразвиена земја од третиот свет во која едвај може да се живее. Дел од тоа е вистина, но не целосна – Англичаните уште од колонијално време таму имаат створено силна индустриска база, вклучувајќи го и системот на образование кој обучува квалитетни кадри за неа и, што е доста важно, чувството за почитување на стандардите. Но она што Индија го нема се едуцираните и информирани потрошувачи, кои заради својата неукост и сиромаштија еднаш купената машина очекуваат вечно да им трае.

Ваквиот сплет на околности придонесе производите од машинската индустрија во Индија да се екстремно издржливи, но исто така и екстремно застарени. Но колку и да е вечна, секоја технологија некогаш мора да се замени со нова. Моментот го препозна швајцарската група Ammann, која го вклучи во својот систем најголемиот производител на асфалтни бази и асфалтна техника во Индија, Apollo Equipment. Заедничката инвестиција резултираше со трансформација на фабриката во градот Ахмедабад, која траеше четири години. Сега таму на површина од 120.000 квадратни метри се наоѓа сосема нов комплекс со врвна производствена технологија која вклучува и роботи за заварување и лакирање. Ефикасноста и капацитетите се на ниво далеку над индиското, а квалитетот што го обезбедува ваквата технологија, поддржан од искуството на обучените професионалци во својата област, ист ако и не и повисок од стандардниот европски токму заради користењето на напредната технологија. И сето тоа со задржување на издржливоста и – најважното за купувачите – цените на конкурентно ниво. Некои информации велат дека асфалтните бази Apollo се имаат за половина пониска цена од соодветните европски.

Токму ваквите примери кои за жал ги нема така често, ќе им овозможат на градежниците од пазарите како нашиот да излезат од волшебниот круг за кој зборувавме на почетокот на текстов. За разлика од половните машини, за одржувањето, резервните делови и потрошниот материјал не треба да се грижат бидејќи зад сé стои името Ammann. Исто така за разлика од половните машини, оваа опрема има значително поголем степен на искористување на инвестицијата, вклучувајќи ги и минимизирањето на трошоците и обезбедување квалитет на сработеното. Така, достапноста и издржливоста не остануваат единствените аргументи кои ги карактеризираат производите на Apollo – асфалтните бази, контролните системи за нивно управување, финишерите и придружната опрема за асфалтирање. Понудата е изненадувачки широка – базите ги има стационарни, континуирани и мобилни со капацитет од 60 до 260 тони на час, а финишерите се со тркала, гасеници и механички со оперативна широчина за асфалтирање меѓу 2,5 и 10 метри и капацитет до 700 тони на час.

Ammann е еден од најпознатите снабдувачи на асфалтни и бетонски бази – ги произведува повеќе од сто години и досега има испорачано околу три илјади низ целиот свет. Основните вредности на оваа семејна компанија – независноста, одржливоста во растот и кредибилитетот да се задржат квалитетот, иновативноста и ориентираноста кон клиентите се негуваат како приоритет. Групата вработува околу 3.700 луѓе кои генерираат годишен приход од околу милијарда швајцарски франци во своите девет производствени локации во Швајцарија, Германија, Италија, Чешка, Кина, Бразил и Индија.