Astro Optics Portable Traffic Guard

Пренослив лежечки полицаец

Што прави лежечки полицаец кога не е на смена? Лежи, се одмора!

Шегата настрана, лежечките полицајци се покажаа како едно од најделотворните решенија за зголемување на безбедноста во сообраќајот на критични места. Но нивна сериозна мана е што требало или не, тие се „на смена“ 24 часа во денот, 7 дена во неделата. Затоа и американската компанија Astro Optics дојде на идеја да направи пренослив лежечки полицаец кој се поставува таму каде треба, кога треба. На пример пред училиште кога децата одат и се враќаат дома, или пак во близина на места каде се одржуваат разни приредби. Поставувањето и собирањето е едноставно и брзо, а уникатната патентирана конструкција го прицврстува на речиси секаква површина. Долги се по три метри, а височината на највисоката точка им изнесува 4,5 сантиметри. Тежат само 13,5 килограми и се пренесуваат во обична торба. Направени се од високоиздржлив пролипропилен и можат да поднесат сообраќај со брзина од 25 до 70 километри на час, а ако некој од елементите се оштети, лесно се заменува. Постои и верзија со двојна должина, односно за две сообраќајни ленти.