Bauma 2016

Градежничка олимпијада

► Она што во светот на спортот е олимпијадата, тоа во светот на градежништвото е Bauma

Но, за разлика од олимпијадата, Bauma се одржува на секои три години, секогаш на исто место, во Минхен – наредната е закажана за од 11 до 17 април. Препознатливата кратенка доаѓа од зборот Baumaschinen – на германски градежни машини, кои се носечки дел од програмата. Покрај нив на просторот на новото минхенско сајмиште (Neue Messe München) се присутни и производителите на градежни материјали, рударски машини, градежни возила и опрема, практично со сé што е поврзано со градежништвото.

Bauma е најголем светски саем од ваков вид и не постои човек од браншата кој не би сакал да го посети – на последното издание во 2013-та такви имаше 530.000, од кои 200.000 од точно 200 држави од светот. Сите нив ги пречекаа 3.420 изложувачи од 57 земји кои се распослаа на енормни 570.000 квадратни метри, односно 57 хектари или нешто повеќе од половина квадратен километар. Околу една третина од тоа е во сите расположливи хали на новото минхенско сајмиште каде главно се наоѓаат производителите на материјали, алати и опрема за градежниците, но најинтересните нешта сепак се среќаваат на отворениот простор каде е изложена тешката машинерија. Поинаку и не може, бидејќи некои од експонатите на Bauma навистина се големи, како на пример крановите, или пак премиерата на Liebherr од 2013-та, рударскиот багер R9400. Некои од производителите на иновативен начин ја користат предноста на отворениот простор изложувајќи ги закачени на кранови над главите на посетителите своите и повеќе десетици тони тешки градежни машини, а некои пак повеќе се концентрираат на стручниот аспект на она што го покажуваат, затоа што и огромен дел од посетителите се тоа – стручни лица во својата област.

Првата манифестација со ова име е одржана во 1954 година на поранешниот воден аеродром Обервизенфелд, каде се одржуваше секоја година до 1967-мата. Тогаш изложбата се пресели на минхенското сајмиште кое стана и нејзин организатор, а од 1998 година се одржува на сегашната локација, каде е главна манифестација. Сега под истото име се организираат тематски изложби и во Кина, Индија и Јужна Африка.