Bomag – Зглобни тандем ваљаци

Супериорна технологија за идеално набивање

Актуелната генерација на Bomag-зглобните ваљаци, која е со оперативна тежина над 5 тона, е опремена со супериорна технологија која преку три посебни системи за набивање овозможува прилагодување кон секоја работна апликација притоа постигнувајќи ненадминлив однос на ефикасноста со економичноста

Bomag веќе има акумулирано 60-годишно искуство во производство на машини за градење патишта. Членувајќи во Fayat групацијата, таа експертиза секогаш резултирала со машини кои ги носат атрибутите на современост, ефикасност и економичност.

Најдобар доказ за тоа е присуството на пазарите во над 120 земји од сите континенти. Кога еднаш ќе се стекне тоа ниво на доверба, очекувањата од секоја нова серија, се токму такви, врвни.

Разгледувајќи ја актуелната серија на зглобни тандем ваљаци, чија оперативна тежина е поголема од 5 тона (достигнува до максимални 16 тона), ние всушност третираме прашања од врвната технологија. Тоа пред сé се однесува на трите системи на набивање ECONOMIZER, TanGO и ASPHALT MANAGER со што идејата водилка на Bomag за побрза, покомфорна и попрофесионална машина, во целост се остварува.

Постигнувањето на тие цели, покрај употребата на споменатите системи за набивање, подразбира и вградување на погонски агрегат кој ги исполнува најновите еколошки норми, како и електронски менаџмент кој строго внимава на работата на сите механички компоненти. Да, во поглавјето кое говори за поедноставено оддржување никако не би требало да се заборави на фактот што машината е ослободена од грижа за било какво подмачкување.

Двојна вибрација како стандард

Секоја работна задача значи соочување со одредени специфики, а тоа пак подразбира решавање на различни предизвици. Токму поради тоа Bomag нуди три различни системи за вибрирање, од која како стандард се издвојува системот со двојно вибрирање.

Со две различни апмлитуди и одвоена работа на двата ваљци која се постигнува со две ротирачки оски сместени дијагонално а кои се вртат во ист правец, може да се постигнат максимални резултати во широк спектар на работни апликации. Оваа можност кога ќе се искомбинира со бројните оперативни тежини како и со достапните, посебно дизајнирани верзии, резултира со универзална употребливост во широк опсег на апликации.

TanGO за чувствителни површини

Во одредени ситуации, како на пример набивањето на асфалтни површини на мостови, по рабовите на асфалтот или пак во близина на постоечки објекти, потребно е внимателно оперирање со параметрите на машина. Токму за тие намени, Bomag го нуди системот наречен TanGO, кој се состои од две ротирачки оски кои се вртат во ист правец.

Вибрациите се испорачуваат тангенцијално, а тоа заедно со двојната фрекфенција на набивањето овозможува внимателна испорака на вибрациите. Тие се одвиваат само со една расположлива амплидута поради што набивањето се одвива без дробење на материјалот како и без непотребни потскокнувања на ваљакот, што се смета како одлучувачка предност пред останатите системи.

TanGO системот функционира само на задниот ваљак, а тоа автоматски значи дека нема пренос на несакани вибрации на предниот ваљак кој останува слободен за користење за стандардни апикации. Во постојаноста на овој систем Bomag има целосна доверба, затоа не треба да чуди и фабричката гаранција од цели 8.000 работни часови.

Asphalt Manager – флексибилно набивање

На овој менаџер навистина може да му се верува – со оваа констатација производителот ги објаснува менаџерските способнисти на системот. И навистина, зимањето на предвид бројот на работните параметри како што се материјалот, степенот на наклонетост на набивањето, температурата, контрола на движењето веднаш станува јасно до кој степен на автоматизираност се одвива процесот на набивање. Всушност, откако операторот ќе ја сетира дебелината на набивањето потоа тој може да се посвети само на држењето на правецот. Останатото наместо него ќе го стори ASPHALT MANAGER.

Должно внимание Bomag посветува и на одлично изолираната и просторна кабина од која прегледот на сите страни е одличен. За истакнување останува фактот што командите заедно со седиштето може да се померуваат од една на друга страна, можност која обезбедува прецизно обработка на рабовите на асфалтната површина.