BYD K11

Амбиции до небо

► Како времето тече, така кинескиот BYD самиот се декларира себе си како најголем производител на електрични возила во светот

Индустријата не би се целосно согласила со Кинезите – таа би рекла: најголем да, но само во производството на електрични автобуси. Сепак, треба да се напомене дека BYD има широка понуда електрични возила од секаков вид и големина, а ние сега ќе фрлиме еден брз поглед на најголемото – зглобниот автобус K11.

Непознат за поголем дел од светот, дури и оној стручниот, овој автобус е логично проширување на гамата возила за јавен превоз и во моментов не само што е најголемо електрично возило во гамата на BYD, туку воопшто и во светот – има должина од 18 метри и капацитет за 120 патници. Се развиваше две години и по претставувањето на првите прототипи лани во Тексас сега пристигна и во Европа, каде беше промовиран во изведба за 150 луѓе. Во меѓувреме започна да ја освојува и Јужна Америка, поточно бразилскиот град Кампинас, кој нарачката од 10 електрични автобуси од 12-метарскиот модел K9 ја заокружи со еден примерок од K11, за почеток во тест фаза на експлоатација. Декларираната автономија на овој зглобен автобус со шасија со низок под изнесува нешто над 270 километри, но на спроведените јавни тестирањата поминуваше и до 400 километри. Бидејќи сепак се работи за прототипи, достапните податоци за погонската механика малку се разликуваат во зависност од изворот – почесто се споменува дека има две батерии од по 100 kWh кои се полнат за само три часа и имаат 12-годишен век на траење, односно 10.000 полнења. Двата електромотора вградени во тркалата на погонската оска од по 180 kW и по 1.500 Nm максимален вртежен момент секој му обезбедуваат максимална брзина од скоро 100 километри на час. И покрај сé, тежината на празното возило е задржана на 21,5 тона, а може да искачува нагорници до 21%.

IMG_0106

Со производство на електрични возила BYD започна во 2010 година. Неговите автобуси и такси возила вршат јавен превоз во 160 градови во 40 земји низ целиот свет. Досега има произведено преку 3.500 автобуси, од кои некои имаат поминато и по 300.000 km во експлоатација. Инаку, BYD е кратенка од Build your dreams, во превод изградете ги вашите соништа. Во Кина имаат заедничка фирма со Daimler наменета за производство на електричните возила Denza, а во местото Ланкастер во Калифорнија погон за производство на електрични автобуси. Токму таму е произведено и возилото кое сообраќа низ бразилскиот град Кампинас и таму ќе се произведуваат нарачаните дури 800 возила од 10 различни категории кои во иднина ќе сообраќаат низ американските сојузни држави Вашингтон и Орегон. Дел од нив ќе бидат и со иновативната технологија за безжично полнење. Се споменува дека цената на еден ваков автобус се искачува и до 1,2 милиони долари, додека соло верзијата чини околу 800.000. како утеха нека послужи податокот за потрошувачката на струја, која изнесува околу 200 kWh на 100 km.

Кинезите тврдат дека секој нивни автобус дневно спасува по 2,77 дрвја од сечење. Не ни е докрај јасно како, но тие така велат.

011 (2)