CAT D4K2

Личи на играчка, но не е

► Како еден од водечките производители на градежна машинерија, CAT има и големи и мали машини за секоја работа

Големината лаже. Секој од нас барем еднаш во животот се има уверено во оваа вистина. Посебно кога гледаме нешто мало, каков што е овој булдожер на CAT. Оваа компанија е еден од водечките производители на градежна машинерија и како таква во своето портфолио има и големи и мали машини за секоја работа. Сепак позната е по големите машини што ѝ дава предност и своите мали производи да ги развива со еднакво внимание и да ги прави еднакво способни како и големите. Посебно заради тоа што иако ги има во распон од 8 до 105 тони, CAT и нема некоја обемна гама булдожери. Таа е поделена на три семејства, од кои она на најмалите брои само 3 модели. Моделот кој сега ќе ви го претставиме е среден меѓу нив, иако од најмалиот се разликува само за нијанса.

Целото семејство мали булдожери на CAT е конструирано да ја оптимизираат брзината, транспортот, маневрирањето, разнообразноста и прецизноста во работата. Овие булдожери се идеални за работа во станбени области и во нискоградбата каде вршат такви задачи како што се расчистување на терен, уредување на косините покрај патиштата, пополнување на ископи и завршни работи за уредување разни површини. Ги карактеризираат прецизната контрола на силата на влечење и плугот, кои ги прават продуктивни, прецизни и ефикасни. Големата пространа кабина обезбедува удобно работно место. Интуитивните контроли поставени на седиштето се лесни за употреба и обезбедуваат голема точност и ефикасност во работењето. Сите модели ги исполнуваат EPA Tier 4 Final/EU Stage IV барањата за емисии.

D4K2 без плуг е долг 3,3 метри, широк 2 а висок 2,76 метри. Како играчка, би рекле, но дека големината навистина лаже првиот доказ е 4,4 литарскиот мотор со кој е опремен. Тој располага со скромни 94 коњски сили, што доволно кажува за неговата издржливост. Има оперативна тежина од 8.168 килограми, а може да се движи со брзина од 10 километри на час. Во резервоарите собира дури 195 литри гориво и 19 литри AdBlue адитив. Потребни му се уште и 60 литри хидраулично масло, 11 литри моторно масло, 10 литри масло за финалниот пренос и 22,4 литри течност за ладење. Гасениците можат да му бидат широки 46 или 64 сантиметри и со нив остварува површински притисок од 38,6 односно 29,2 kPa.

За способностите најдобро кажуваат технологиите со кои е опремен, кои ги вклучуваат и докажаните CAT Grade системи. Тие имаат само една задача – зголемување на продуктивноста и помош на бизнисот да создава поголем профит. Функциите на CAT Grade се едноставни за употреба и главно интегрирани во машините уште во фабриката без притоа да има потреба од дополнителен софтвер или хардвер. На искусните оператори овозможено им е попродуктивна работа додека помалку искусните , во широк спектар на апликации можат да постигнат поквалитетни резултати за пократко време. Ги набројуваме:

– CAT Slope Assist – помага на операторот автоматски да го постигне зададениот агол на нагиб на плугот на булдожерот. Овој систем овозможува за 39% поголема брзина со над 68% поквалитетно обработена површина и со 82% помал напор на операторот

– CAT Stable Blade – го следи движењето на плугот и автоматски го подигнува и спушта, во соработка со операторот, за да се постигне побрзо и поглатко нивелирање со помалку вложен напор

– CAT Slope Indicate – во реално време го прикажува попречниот нагиб и ориентацијата на погонот, олеснувајќи ја задачата на операторот за поставување на машината во посакуваниот нагиб и постигнување на бараниот агол при секое поминување

– CAT Grade Control 3D – интегрален контролен систем кој му овозможува на операторот зголемување на ефикасноста, ажурноста и продуктивноста како при распределбата така и при фината обработка на површините. Интегрираната антена поставена на кровот од булдожерот ја елиминира потребата од класичниот предавател поставен на плугот како и каблите преку кои е поврзан. CAT AutoCarr системот како и AccuGrad Ready Option се вклучени во истиот пакет со единствена цел за зголемување на продуктивноста и разнообразноста

– CAT AccuGrade – претставува систем кој се вградува постпродажно во дилерската мрежа. Овозможува зголемена и разновидна обработка како и можност за скалеста примена при променливи потреби, обезбедувајќи избор на ласер за рамни и нагибни површини, потоа Global Navigation Satellite System (GNSS) систем за контрола на сложени 3Д засеци и контури и/или Universal Totl Station (UTS) системи за фина и завршна обработка

– AccuGrade Ready Option – овозможува полесно инсталирање или надградба на CATAccuGrade 2D и 3D Grade контролните системи со помош на кои се обезбедува дополнителна разнообразност и зголемување на вредноста на машината при препродажба.