CAT дреглајн багери

Едноставно, ефикасно, огромно

► Дреглајн багерите се високопродуктивни машини кои нудат најниска цена на материјал по тон во индустријата

Некои работи во рударството се едноставни, поедноставни не можат да бидат, но без исклучок, ништо не е мало. Такви се и дреглајн багерите кои се примарни алатки за откопување во многу површински копови ширум светот. Прв пат во историјата се употребени за изградба на каналот во ‚икаго во 1904 година. Работат на едноставен принцип откопувајќи го материјалот под нивото на кое се поставени со влечење кон себе. Можат да копаат и висински, но сепак примарно се наменети за длабинска работа. И конструкцијата им е едноставна и се состои од долен дел на кој е сместен транспортниот механизам, вртлива платформа и уредот за работа, односно стрелата, влечните сајли, насочувачите за нив и секако корпата. Кога еден ваков багер се подготвува за работа, со помош на транспортниот механизам се доведува и поставува во близина на горниот раб на етажната косина. Со опуштена влечна сајла, а со помош на сајлата за подигнување, корпата се спушта на дното, а потоа се влече према стрелата. Така корпата под дејство на својата тежина се врежува во материјалот и се полни. Длабочината се регулира со затегнување на сајлата за подигнување. Кога корпата ќе се наполни се затегнуваат сајлите и таа се подигнува во хоризонтална положба. Истовремено платформата се заротира и таа заедно со стрелата и корпата се свртува до местото на празнење.

Како што се гледа од опишаното, принципот на работа навистина е едноставен. Следствено на тоа и механиката е едноставна, иако огромна според габаритите. Ќе ги земеме пример трите дреглајн багери што CAT ги има во понудата. Означени се со бројките 8000, 8200 и 8750 кои ништо не кажуваат, но затоа нивната работна тежина кажува многу – најмалиот има меѓу 1,8 и 2 милиони килограми, средниот од 3,8 до 4,1 а најголемиот 5,8 до 7,5 милиони килограми. Во текот на 60-тите и 70-тите години кога нивната побарувачка доживеа кулминација, постоеше и модел со работна тежина од 14,5 милиони тони висок колку 20-катница. Се опремуваат со стрели со должина од 75 до 132,5 метри во зависност од моделот, како и корпа со зафатнина меѓу 24 и 116 кубни метри. Базата кај најмалиот модел има дијаметар од 15,2 односно 15,6 метри, а кај најголемиот 22,9 или 25,6 метри. За задвижување на машината, ротирање на платформата и подигнување односно влечење на корпата, се користат за секоја операција посебно од 2 до 10 електромотори со моќност од 373 до 1.230 kW. Од спецификациите уште би ги издвоиле радиусот и длабочината на копање кои се движат од 72 до 122, односно од 39 до 80 метри во зависност од моделот и стрелата.

Ова е колку да добиете вистинска претстава за големината на овие машини бидејќи фотографиите не секогаш го претставуваат тоа баш реално. Од другите специфичности ќе споменеме дека заради важноста на дреглајн багерите за целокупното функционирање на рудникот, сите критични места на заварување се подложат на магнетна, ултразвучна и рендгенска инспекција. Нивната цена се движи од 50 до 100 милиони долари.