Интелигентен дампер
Уште од неговото претставување во 1977 год. дамперот 777 високо ги постави индустриските стандарди во издржливост и задржување на вредноста. Со новата G-серија, Caterpillar претставува вонасфалтен камион со ново ниво на перформанси, продуктивност и удобност за операторот
Вградувањето на најновите технолошки достигнувања во вонасфалтните камиони првенствено наменети за тешки физички работи, се случува во периоди кои се мерат во декади. Современите барања за зголемена и однапред пресметлива ефикасност во извршување на работните задачи, на производителите им наметнува перманентно развивање и вградување на најновите технички решенија и во класата на тешките дампери.
Како пример, кој најдобро го илустрира овој пристап, може да се наведе системот за контрола на тракцијата која Caterpillar ја вградува во новата G-серија. Ако командната електроника преку диференцијалот ќе знае да ги изедначи брзините на движења на двете страни од задната оска, со што значително се продолжува векот на задните пневматици – може да се претпостави кои сé други системи за заштеда и оптимизација ќе можат да се најдат во новиот продукт на Caterpillar.
Механика
Кога говориме за дампери, секако очекуваме и адекватни капацитети. Кај серијата 777G тоа во бројки би значело вкупна дозволена тежина од 164.6 тони, капацитет на товарен простор од минимални 41.9 m3 како и вкупна должина на камионот од 10.5m. Уште поинпресивни од димензиите и капацитетите, делува вградената висока технологија; започнувајќи од моторот со 12 цилиндри и 32 илјади кубици, кој ослободува вкупно 1.025 КС, па продолжувајќи со автоматскиот менувач со седум степени и APECS технологија која овозможува контрола на притисокот на спојката и меко менување на степените, се до новоиот систем на потпирање и сопирање кои делуваат во зависност од оптеретувањето и автоматски детектираните потреби на експлоатација.
Кај новиот модел рачната сопирачка дејствува на сите тркала, решение кое на прв поглед изгледа логично но кое се покажува како извонредно делотворно при товарење на камионот.
Шасијата на која се потпира CAT 777G е наново дизајнирана со акцент на местата кои се изложени на удари при процесот на товарење, кои се изработени од посебно цврста и еластична челична структура.
Момент кој е од посебен интерес на корисниците е едноставната и економична експлоатација. Вградените системи кои овозможуваат неутрална позиција на автоматскиот менувачпри мирување и повторно вклучување штом се притисне педалот за гас или сопирачката, потоа автоматско гаснење на моторот штом тој стои на едно место – резултираат со намалување на потрошувачката на гориво и до 15%. Сигурни во вградените системи за ефикасност, инженерите предвиделе мерење на параметарот пренесена тежина по километри на час. Овој параметар може да се отчита на самата инструмент табла додека на посебен екран поставен на надворешниот дел на кабината може да се прочита бројот на работни циклуси кои камионот ги врши во тек на еден работен ден.
Работен амбиент
Огромен е контрастот на перцепцијата во зависност од каде се гледа дамперот 777G. Однадвор тое е еден масивен камион кој импресионира со својата појава, но погледот од позиција на операторот оддава многу по пријателски впечаток. Интиутивната поставеност на командите бара минимално прилагодување, а можноста за подесување на седиштето во сите правци ќе помогне во пронаѓање на идеална седечка позиција. Таблата со инструменти овозможува преглед на сите параметри на машината како и на нивото на течностите. Одмаралиштето за левата нога е наново дизајнирано, црвената педала до него има функција на опциско исклучување на моторот со што автоматски се активира ретардерот.
Управувачот со мал пречник заедно со рачката на автоматскиот менувач создаваат впечаток на управување како со патничко возило. Интересна е можноста за напуштање на кабината и од десната страна која се изведува преку прозорец со вградени специјални шарки во механизмот за отварање. Прегледноста од кабината е обезбедена со низа греени ретровизори преку кои максимално се зголемува страничната прегледност. Како посебност се истакнува контролата на нивото на натовареност која може да се следи на командната табла.
Покрај темелно изведената механичка заштита на кабината, производителот ја истакнува и акустичната изолација како и успешно пригушените механички вибрации.
Капацитети и одржување
Ако камионот се натовари до 100% од предвидената тежина тој ќе може да понесе товар со тежина од 99.6 тони. Како опција присутна е (и под одредени ограничувања – дозволена) и можноста камионот да се оптерети со 120% од предвидена максимална тежина, односно до 110 тони.
Контролата на оптеретеноста се врши од самиот оператор и се отчитува на дисплејот. Уште повеќе, на истиот дисплеј може да се следи и фазата на товарење како и евентуалното пречекорување на однапред поставената вредност. Покрај овие податоци на инструментната табла може да се следи и нивото на сите течности на возилото како и вредноста на сите останати параметри. Исто така вградена е можноста за сигнализирање на тајмингот за редовни сервиси и прегледи на склоповите. На задниот мост на камионот е поставено куќиште со посебни мерачи на кои можат да се отчитаат сите вредности но и квалитетот на течностите. На десната страна е вградена табла за контрола на електричните уреди и инсталации. Лесниот пристап до овие контролни места е диктиран од нивната местоположба.