DAF XF и CF

Чиста извонредност

За да ги истакне главните карактеристики на новите XF и CF серии камиони, DAF им ја додаде ознаката Pure Excellence

Холандскиот DAF ја претстави новата генерација на своите среднотешки и тешки камиони, кај која сите ќе го забележат дотераниот и поубав изглед иако измените се минимални – сé се сведува на новиот штитник за сонце и поинаква изведба на маската на ладилникот. Таа е еден од деталите што го намалуваат отпорот на воздухот, а со тоа и потрошувачка на гориво, која сега е за 7 проценти помала. DAF наведува дека наведениот процент намалување на потрошувачката го имаат постигнато со зафати кај моторите за 3%, преносниот систем за 1,7%, електрониката за 1,5%, аеродинамиката за 0,5%, греењето и климатизацијата за 0,2% и посттретманот на издувните гасови за 0,1%.

За новите камиони се наменети и нови MX11 и MX13 мотори кои сега имаат повеќе сила – во понуда се верзии за дистрибуција и долголиниски превоз со распон на силината од 300 до 530 KS. Во однос на претходната генерација имаат и поголем вртежен момент посебно при ниски режими на работа, а од Paccar истакнуваат и дека сервисните интервали им се продолжени на 150.000 до 200.000 километри. Нова е и моторната кочница чија моќност на MX-11 моторот е зголемена на 340 KW, посебно во интервалот од 1.000 до 1.500 вртежи во минута каде зголемувањето на силата изнесува 20%. Кај MX-13 моторот, пак, моќноста на моторната кочница надминува 360 kW, со зголемување на силата од 30% во интервалот од 1.200 до 1.500 вртежи во минута.

Новите CF и XF модели ќе се испорачуваат со нови ZF TraXon менувачи, стандардно со 12 а со доплата со 16 степени на пренос. Овие менувачи имаат помали механички загуби и побрзо ги менуваат степените, а проширената употреба на функцијата EcoRoll дополнително ја намалува потрошувачката. Компатибилни се и со Cruise Control и Predictive Cruise Control (PCC) функциите, а новиот преносен однос од 2,05:1 овозможува крстаречка брзина од 85 km/h при 1.000 до 1.040 вртежи во минута. Намалена е и тежината на возилата – на 4×2 влекачот за 100, а 6×2 верзијата за 130 килограми што директно се одразува на поголемата корисна носивост. Најголема заштеда на тежината е постигната на издувниот систем кој е за 40 отсто помал од порано, со што е обезбеден и дополнителен простор за резервоарите со гориво. Како посебна погодност од DAF наведуваат дека интервалот на чистење од саѓи е 500.000 km.

Внатрешноста има нови подобри материјали, како и нова инструмент табла. Се вградува и потполно нов систем за греење, вентилација и климатизација со електронска контрола на испарувачот, со што се избегнува непотребното ладење на воздухот. Системот го користи вишокот топлина од моторот за загревање и кога моторот не работи. Покрај заштедата на гориво, овој систем за климатизација заедно со другите ажурирања во кабината придонесува за комфорот на возачот и негов помал замор. Од DAF истакнуваат дека при унапредувањето на внатрешноста се уважени сугестиите на возачите од досегашните две семејства камиони.

Производството на новите CF и XF ќе започне летово во конфигурација на 4×2 и 6×2 влекачи и соло камиони, додека останатите изведби ќе бидат достапни наесен.