Eaton AFDD

Да се спречи, а не да се лечи

► Компанијата Eaton има уред за детекција на искрење кој го спречува пожарот пред да настане

Компанија Eaton е добро позната во светот на струјата благодарејќи на својот иновативен пристап. Доказ за тоа е специјалниот уред за детекција на искрење AFDD – Arc Fault Detection Device наменет за заштита на луѓето и имотот од пожар. Овој уред детектира абнормални сигнали и траги од високи фреквенции во електричното коло кои претходат и укажуваат на појава на искрење, по што се активира автоматскиот прекинувач и елиминира ризикот од пожар. Покрај тоа, уредот има и FID склопка  за заштита од резидуална струја, преоптоварување и краток спој, со што станува сеопфатно решение економично, компатибилно, отпорно, доверливо и едноставно за инсталација. Најголема потреба од ваков уред се јавува кај станбената градба, посебно на објекти со поголем број станари како што се домовите за стари лица, училишта и слично, каде последиците од пожар би можеле да бидат катастрофални. Она што е важно е дека овој уред функционира со голем степен на прецизност со цел драстично намалување на непотребните исклучувања на струјата.

Искрењето, односно стручно кажано електролачните празнења обично настануваат од оштетени кабли, штекери или терминали. Доведуваат до оштетувања на електрична инфраструктура и лесно можат да предизвикаат пожар. Се проценува дека најмалку 25 отсто од пожарите предизвикани од струјата настануваат токму од оваа причина. Затоа и безбедната и брза детекција на искрењето е од суштинска важност бидејќи конвенционалните FID склопки и минијатурните MCB склопки обично не се во состојба да го откријат. AFDD уредот на Eaton е проектиран прецизно да го разликува вистинскиот ризик од другите високофреквентни сигнали кои обично се јавуваат во куќно опкружување. За да дополнително се подобри квалитетот на детекција, Eaton препорачува и на кои места треба да се постават ваквите уреди, а предвиден е и таканаречен тест на преслушување кој го гарантира активирањето на уредот кога ќе се детектира одговарачки сигнал.

Глобалните барања за AFDD уредите официјално се воспоставени за прв пат во 2013 година, кога меѓународната електротехничка комисија го воведе стандардот IEC 62606. Тој предвидува дека AFDD уредите треба да се активираат при детекција на секој лак од 100 џули или повеќе и заради доста големата негова струја тоа треба да се случи за најмногу 120 милисекунди.