ETF Mining Trucks

Ќе беше добро да беше…

► Идеите што го движат светот некогаш не се знае од каде ќе дојдат, но (скоро) секогаш се знае каде ќе завршат

Велат една слика илјада зборови, но некогаш ниту илјада слики не можат да заменат неколку зборови. Така, во своето претставување компанијата ETF Holding од Словенија наведува дека со развојот на серијата модуларни дампери што ги гледате на сликите има започнато уште во 2003 година и дека од пред 4 години за нив се подготвува електричен погон. Се додава и дека тие сега веќе се подготвени за нивно производство, со рок на испорака од 9 месеци. Основата за нив е модуларна и може да имаат од две до осум оски. Верзиите што притоа се добиваат се со должина од 12,5 до 29 метри и носивост од 180 до 774 тони. Што значи последната наведена бројка не треба да објаснуваме – сегашниот најголем дампер во светот, белорускиот БелАз 75710, има носивост од 450 тони. Ширината и висината се исти кај сите – 7,6 односно 6,3 метри, а ослонувањето е хидропневматско, со осцилирачки и независно поврзани тркала и оски. Во зависност од верзијата, за нив се наменети мотори со моќност меѓу 1.60 и 6.400 kW. Погонот е на сите тркала кои исто така се управувани, што треба да обезбеди големи маневарски способности. И останатите компоненти се модуларно конструирани, со што е овозможена нивна брза поправка – на пример промената на тркалата, батериите или кабината трае 15 минути, а на целата оска 25 минути. Со ваков пристап, камионите на ETF треба да постават сосема нови стандарди во рударскиот транспорт. Проблемите со истрајноста кои се јавуваат кај конвенционално конструираните дампери треба да бидат минато. Понатаму, се додава уште и дека тие можат да бидат опремени со системи за спречување на заспивање на операторот, за избегнување на судири, 5 камери, 7 радари…

Секако, сето ова длабоко нé заинтересираше и тргнавме во потрага по уште информации, а откривме дека уште најмалку пет компании со слично име од различни држави низ светот во последниве десет години го имаат претставувано овој проект како свој. Наведената ETF Holding навистина постои и е регистрирана во Марибор, исто како и холандското студио кое компјутерски, мора да кажеме одлично,  ги има изработено овие слики. Но очигледно е дека оваа серија рударски камиони постои само во компјутерите на сите наведени и можеби уште некоја ненаведена компанија, или пак поединец. За жал, затоа што мора да оддадеме признание – на кој и да е – за идеите за модуларната платформа и другите конструктивни решенија…