ЕУ-Јапонија

На прагот на спогодба за слободна трговија

Европската Унија и Јапонија ги надминаа главните разлики и постигнаа политички договор за спогодбата за слободна трговија

Како едни од клучните пречки се наметнаа автомобилите и земјоделските производи кои го имаа закочено целиот процес за постигнување договор за слободна трговија со кој би била опфатена повеќе од четвртина од светската економија. На него се работи од 2013 година, а сега откако се надминати и овие разлики, се очекува негово побрзо финиширање. Но и покрај тоа, административната процедура е долга и датумот кога би стапил на сила тешко е да се прогнозира.

Овој економски пакт меѓу Европската Унија и Јапонија на купувачите од Стариот Континент ќе им донесе значителен број поевтини индустриски производи кои сега се царинат со 10 отсто. Македонија ја следи политиката на ЕУ и реално е да се очекува дека и ние ќе ги применуваме постигнатите тарифи. Посебно ако Јапонците нé вклучат и нас во групата земји на кои им се проширува пристапот за пласман на земјоделски производи. Во вкупната трговска соработка со оваа земја која изнесува 77 милиони долари, на извозот на наши производи отпаѓа едвај околу 1%.