Evum Motors aCar

Мини електричен транспортер

► Иако тукушто завршениот салон IAA во Франкфурт е посветен на автомобилите, се случи и една интересна премиера на комерцијално возило

Германската компанија Evum Motors на салонот на автомобилите во Франкфурт претстави камионче со електричен погон. Има ознака aCar, а со должината од само 4,08 и ширината од 1,5 метри е помало од повеќето автомобили. Заедно со батериите тежи 1.100 kg, а може да носи еден тон товар. Го задвижуваат два електромотора, по еден на секоја оска, кои му обезбедуваат погон на сите тркала. Со помош на нивните 20 kW постигнува најголема брзина од 80 km/h. Може да се опреми со батерии со капацитет од 12 или 24 kWh, кои му овозможуваат автономија од 100 или 200 km, а вградениот соларен панел на покривот на кабината ќе му обезбеди уште некој километар. Надградбата за превоз е модуларна и може да биде сандак, кипер, па дури и со вградени седишта за превоз на луѓе. Производството ќе му започне идната година, а цените се движат од 29.500 евра.