Голем колку двете Америки
► Америка е земја на пикапите. Лани првите три најпродавани возила во САД беа токму такви
Лидер на пазарот на пикапи во САД е Ford со F-серијата, од која ние знаеме само за F-150. Со него пред точно 67 години започна патот на пикапите на Ford низ автомобилската историјата. Оттогаш тој доживеа тринаесет генерации, 43 години е најпродаван пикап во САД а 32 најпродавано возило во земјата, далеку надминувајќи ги патничките автомобили. Но кај американските пикапи непишано правило е дека колку се поголеми, толку се поценети. Затоа и Ford покрај него во понудата ги има уште три. Обединети под називот Super Duty, тие веќе деценија ипол се развиваат како посебна серија независна од F-150.
Благодарејќи на употребата на лесни и напредни материјали, неодамна претставената нова Super Duty серија загуби 160 килограми од својата тежина. Колку бројките кај овие возила се релативни кажуваат техничките податоци за сегашните модели во кои се споменува најголема носивост од 3.200 килограми. Тие се способни и да влечат приколка од преку 8,6 тони, или дури 14 ако се работи за специјална полуприколка. Деталите за новата генерација не се објавени – сé уште е рано за нив бидејќи ќе се најде на пазарот како моделска 2017 година. Затоа пак од Ford гордо истакнуваат дека 95% од шасијата се направени од челик со висока цврстина, со што уште повеќе се подобрени товарните способности. Алуминиумот со квалитет за воена употреба, како и кај F-150 е користен за изработка на товарниот сандак. Заштедата во тежината на инженерите им овозможи да вградат поцврсти компоненти од подвозјето како што се оските, пружините, кочниците и погонските вратила. Бруталните тестирања на издржливост придонесоа и за унапредување на веќе познатите и испробани погонски агрегати – 6,7 литарскиот V8 дизел и V8 и V10 бензинците од 6,2 и 6,8 литри. Помалиот од нив може да работи и на Е85 етанол, а и за двата се нудат китови за конверзија на погон на природен гас. Шестстепената автоматска трансмисија во сите случаи е стандардна, но не и погонот на четирите тркала. Купувачите ќе можат да бираат и меѓу три кабини и пет меѓуоскини растојанија, растегнати до дури 5,2 метри.
Ford во идните модели од Super Duty серијата ќе вградува 16 нови за прв пат во овој сегмент применети технологии. Меѓу нив се и адаптивниот систем за управување и напредната електроника која помага при влечењето приколка. Таа со ангажман на седум камери дава 360° слика од птичја перспектива, со што значително се зголемува безбедноста. За тоа придонесуваат и контролата на притисокот на воздухот во пневматиците на приколката, како и системот за мониторинг на мртвите агли кој ја вклучува целата должината на влечниот воз.
Цените на Super Duty серијата која ги вклучува моделите F-250, F-350 и F-450 во САД започнуваат од околу 30 илјади долари.