Ford Ranger Raptor

Спортски автомобил спакуван во пикап каросерија

Повеќе не мора да се бира меѓу спортски автомобил и пикап бидејќи Ford Ranger Raptor ги нуди двете во едно возило

Ако мислите дека се работи само за Ranger со нешто поинаков изглед и појак мотор, не сте во право. Raptor Ranger е нешто сосема друго – се работи за еден од најдобрите пикапи кои парите можат да го купат. Секако, да се биде подобар или полош секогаш е прашање на критериумите. Ако барате најголема носивост или можност за влечење приколка, тогаш ова не е модел за вас, но ако пак сакате Focus RS во пикап светот, тогаш штотуку сте го нашле. Што сé е поинакво? За почеток, Ranger Raptor од обичниот Ranger е поголем во сите димензии – подолг е за 44 mm, поширок за 168 mm и повисок за 52 mm, а трагите на тркалата му се проширени за 150 mm. Но, можеби е уште поважно зголемувањето на оддалеченоста од подлогата за 51 mm, па со вкупниот клиренс од 283 mm Raptor добива доста повеќе можности на терен.

Сепак, најважната промена е потполно новото ослонување. Ranger Raptor назад нема лиснати пружини туку мултилинк ослонување, додуша сé уште во комбинација со крута погонска оска. Оваа комбинација на полуги на ослонувањето се нарекува ватова врска и е неопходна за да се осигура латерална носивост на ослонувањето која се губи со недостатокот на лиснатите пружини, кои назад се заменети со спирални. Одот на FOX Racing амортизерите напред и назад се прилагодува на условите на возење – подолг е (за 30 отсто во однос на стандардните) при off-road возење, односно пократок на подобри подлоги. Затоа и Ranger Raptor е посебно импресивен при брзо off-road возење каде одличното ослонување најдобро доаѓа до израз. Иако мотор не е експлозивен како некои V6 изведби, перформансите се повеќе од достојни. Амортизерите исто така имаат и прилагодлива карактеристика која се менува зависно од оптоварувањето, така што при лесно возење овозможуваат исклучителна удобност, а кога заради брзината или теренот шасија почне посилно да притиска, амортизерите одговараат со потврда карактеристика. Засилена е и шасијата, а под моторот е поставена 2,3 mm дебела заштитна плоча од нерѓосувачки челик, која има и декоративна функција. Кога сé ќе се зброи, Raptor има 2.510 kg, односно добри 200 kg повеќе од обичниот Ranger заради што и сопирачките исто така се засилени – и напред и назад се вентилирани дискови со пречник од 332 mm, при што напред се со дебелина од 32 mm и клешти со два клипа, а назад од 24 mm и клешти со еден клип.

Моторот сигурно е најконтроверзниот дел од оваа приказна и откога се појавија податоците за него не престанува расправата за тоа дали е достоен за ваков автомобил или не. За Ford-овите 2.0 EcoBlue мотори веќе доста се знае и без сомневање се работи за инженерско ремек дело. Во Transit се нудат со најмногу 170 KS, a најсилната изведба на обичниот Ranger има верзија со две турбини чија сила е подигната на 213 KS, со максимален вртежен момент од 500 Nm, што е за 13 KS и 30 Nm повеќе од стариот 5-цилиндричен 3,2 литарски мотор. Но ако за моторот и може да се расправа, за остатокот од автомобилот дефинитивно не. Ова е пикап кој најдобро се вози од сите на пазарот. Raptor се нуди само во комбинација на споменатиот мотор и 10-степен автоматски менувач кој е уште една светла точка на овој пикап. Благодарејќи на големиот број преносни односи секогаш ќе се најде оптимален степен за најдобро да се искористи големиот вртежен момент. При тоа промените се исклучително брзи и скоро неосетни, а возачот со помош на елегантните магнезиски полуги може и сам да ги префрлува степените, но за тоa дефинитивно нема потреба. Автоматскиот менувач е од голема помош при возење на тежок терен бидејќи покрај сите проблеми што тоа ги носи најчесто се нема време уште да се бара и вистинскиот степен на пренос. Посебно ако возењето е изискувачко, на пример во песок, каде една погрешна или недоволно брза промена на степенот на пренос може да доведе до заглавување со мали изгледи за извлекување без туѓа помош. За помалку грижи во теренското возење ќе придонесат и посебните BF Goodrich пневматици, наменски развиени за Raptor.

Возните својства не се ништо полоши ни на асфалт каде одличното ослонување повторно доаѓа до израз, во комбинација со еднакво доброто управување. Возењето е брзо, исклучително тивко и удобно со минимално наклонување на каросерија, со што Raptor повторно поставува стандарди во пикап светот. Како и стандардниот Ranger, и Raptor има преклоплив погон на сите тркала, односно 4×2 погон за поголеми брзини и поквалитетни подлоги, 4×4 за терен и редукција за најтешки услови со можност за блокада на задниот диференцијал. Иако нема централен диференцијал туку само разделник на силината, тоа во возењето не се чувствува и при управувањето го нема оној неугоден отпор при поостри свртување карактеристичен за возила со преклоплив погон на предната оска. Ford понуди можност за избор меѓу неколку режими на возење каде во зависност од условите конфигурацијата на погонот и преносот се прилагодува. Новост е и таканаречениот Baja режим наменет за брзо off-road возење каде посебно е прилагодена работата на системот против пролизгување, а ESP системот е целосно исклучен.

Raptor се нуди само во една конфигурација, а единствено што може да се бира е бојата. Внатрешноста нуди комбинација на спорт и луксуз со профилираните седишта во комбинација на алкантара и кожа, агресивната графика на инструментите, рамките на вентилациските отвори во боја на возилото, како и кожата на арматурата и управувачот. Покрај натписите Raptor на седиштата и вратите, впечатокот го подигнуваат сините шевови и означената средина на управувачот, за возачот да има подобар преглед накаде се свртени тркалата. Секако, сето ова има и своја цена – ова уживање ќе ве чини 60-тина илјади евра. Книгата за нарачки е отворена, а првите примероци ќе стигнат при крајот на годинава.