Ford Transit 5T

Ford претстави 5-тонски Transit

Најтешкиот Transit направен било кога е наменет за најтешки товари и надградби

Од ноември годинава, Ford ќе започне со продажба на досега најтешката изведба на Transit која ќе има најголема дозволена тежина од пет тони. Со оглед дека е наменет за тешки работни задачи, главнината на понудата ќе биде како шасија со три меѓуоскини растојанија, четири должини и единечна или двојна кабина наменета за седум луѓе, додека единствената фургон изведба е со максималната должина и висок покрив. Најголемата носивост на шасијата е 2.886 kg без надградба. Од Ford истакнуваат дека со фабрички вградениот сандак кај некоја од 165-те компании во 13 земји кои ја сочинуваат Qualified Vehicle Modifier мрежата овластени партнери за тоа, за товар остануваат 2.558 kg. Освен со сандак, се очекува најголем број купувачи да се определат за кипер варијантата и различити изведби со дигалки. Тој исто така е одлична основа и за посебни возила што ги користат итните служби – полицијата, амбулантните возила и слично, како и за минибуси со 19 и повеќе седишта. Фургон изведбата има зафатнина на просторот за товар од 15,1 m³ и може да превезува предмети долги 4.217 mm.

Сите изведби на 5-тонскиот Transit имаат погон на задните тркала, а во нив ќе се вградува само најсилниот 2,0 литарски EcoBlue мотор со 170 KS и 390 Nm. Шестстепениот мануелен менувач е сериски, додека како опција се нуди и десетстепена автоматика. Со оглед на големата тежина вградени се пошироки пневматици, а ослонувањето и сопирачките се засилени. Надградбата кај фургонската изведба е поцврста за да може да се носи со тешките товари. Се вградува 3,5 тонската задна оска што ја користат моделите на Transit на американскиот пазар, а во комбинација со автоматскиот менувач оди и 2,1 тонска предна оска која овозможува за 225 kg поголема носивост. Вграден е и најновиот SYNC 3 комуникациски систем кој овозможува поврзување со надградбата и комуникација на сите модули, така што на пример кај киперот може да се оневозможи работата ако возилото не е запрено и рачната сопирачка повлечена.