GAZ Sobol 4×4

Теренско комби за секоја прилика

Рускиот GAZ го претстави модернизираниот Sobol со погон на сите тркала

На големиот Comtrans 2019 салон на комерцијалните возила компанијата GAZ настапи со дури 10 новитети. Малку неочекувано, јавноста најмногу се интересираше за модернизираниот комби Sobol со погон на сите тркала. Тоа јасно покажува во каква состојба сé уште се руските патишта, но и барањата и реалните потреби на бизнисот и покрај значителниот напредок на сите полиња. Sobol 4×4 има преден дел преземен од новиот GAZelle NN, додека остатокот од каросеријата главно е ист – разликите се во детали. Внатрешноста е малку помодерно опремена со инструмент табла и седишта презедени од другите модели на GAZ. Суштинските измени секако се во механиката – робусниот погон на сите 4 тркала, оските, менувачот и моторот кој може да биде руски атмосферски YMZ Evotech или кинески турбодизел Huadong (Cummins). Не е познато кога ќе започне сериското производство, ниту пак колку ќе чини бидејќи според зборовите на компанијата од Нижји Новгород, изложениот прототип има задача да го испита пулсот на публиката.