Вечниот поштар оди во пензија
Американските пошти побараа од автомобилските компании да им подготват возило кое ќе ги замени коцкастите камиончиња
Ги гледаме по филмовите но не ги познаваме – американските поштенски камиони кои личат на детска играчка наскоро ќе бидат пензионирани. Би рекле и редно е – тие се во служба од 1987 година кога беше испорачан првиот примерок од возилото со ознака LLV, што е кратенка од самообјаснувачката ознака Long Life Vehicle. Производ се на компанијата Grumman, која по нарачка на американските пошти ги има правено сé до 1994 година. Низ САД, Канада, Мексико и неколку други земји се тркалаат околу 140.000 вакви возила, чиј првобитно проектиран век на траење изнесувал 24, за подоцна да биде продолжен на 30 години. Конструкцијата им е алуминиумска, а механиката главно базирана на компоненти од General Motors-овиот пикап од тоа време, Chevrolet S-10. Управувачот му е на десната страна за да може разнесувачот на поштата безбедно да излегува директно на тротоар, моторот четирицилиндричен бензински со 90 KS, а менувачот тристепен автоматски. Носивоста му е 450 килограми, а заради помалото растојание меѓу предните тркала од задните има доста мал круг на вртење. Декларираната потрошувачка е 14 литри на 100 километри, која во реалната тргни-застани експлоатација се искачува и до 24. Според американските закони, овие возила немаат регистарски таблички туку само сериски број од поштата.
Заради сегашната старост на флотата, американските пошти годишно трошат околу милијарда долари на гориво и одржување. Во повикот до автомобилските производители се бара да подготват замена за Grumman LLV чија цена би била меѓу 25 и 35 илјади долари, така што нарачката за 180-те илјади вакви возила тежи вкупно пет милијарди долари. За вака мрсната зделка првобитен интерес изразија 15 познати и помалку познати компании, меѓу кои и Chrysler, Ford, Freightliner, Nissan, Daimler, Mahindra, Karsan, но и воените добавувачи AM General и Oshkosh.