HBM Graders BG 180 TA-6 (6×6)

Рамнење по германски терк

Компанијата HBM Graders која е во сопстве ност на акционерското друштво GP (Gunter Papenburg) произведува грејдери со оперативна тежина од 8.5 до 23 тона и со погонски мотори кои развиваат помеѓу 87 и 234 КС

Компанијата „GP Gunter Papenburg AG“ е формирана во 1962 по иницијатива на мнозинскиот соптвеник и реализатор на целата идеја, Гинтер Папенбург. Големиот почетен успех и постојаното вложување во квалитет и развој денес се огледуваат во присуството на компанијата во преку 100 земји. Во рамки на акционерското друштво моментално се ангажирани над 3.500 вработени кои се рапсоредени во 40 фирми ќерки.

Од широкиот спектар на произоди и услуги кои ги покрива акционерското друштво, за сегментот на грејдери задолжена е фирмата „HBM Nobas“ под чии ознаки овие машини се пласираат на сите континенти. Токму широката распостранетост на грејдери за производителот значи специфицирање на секој грејдер посебно спрема условите и потребите на светскиот пазар. Од понудата наменета за европскиот пазар, нашиот избор падна на моделот BG 180 TA-6 (6×6) кој на најефикасен начин го илустрира високото технолошко ниво со кое владее производителот.

Прецизност

Производите кои носат германски печат доволно се опеани и возвишени така да не е потребно посебно нагласување на тие основни квалитети. Но кога станува збор за грејдер, и токму за него се тврди дека е извонредно прецизен при изведба на работни апликации тогаш навистина треба да се имаат цврсти аргументи.

Во случајот на BG 180 TA-6 (6×6), како и впрочем за целата гама на HBM Graders, говориме за класична конструкција во која разликата ја прават материјалите со кои е изведена конструкцијата, еднакво како и капацитетите на машината.

Традиционално германскиот производител како погонски единици употребува британски мотори од Perkins. Кај разгледуваниот модел тој има линиски распределени шест цилиндри со вкупен волумен од 7.01 литри кои во заедничко содејство ослободуваат максимални 205 КС при 2.200 вртежи. Инаку станува збор за современ агрегат кој ги исполнува најстрогите европски Stage IV и американски EPA Tier 4 Final еколошки критериуми. Од применетиот пристап освен чистата природата, профитира и економичноста која е меѓу најниските во својата категорија.

Во прилог на наведената прецизност оди и погонот на тандемскиот пренос кој се одвива преку хидростатски конвертор на двете задни оски како и хидродинамичкиот пренос кој обезбедува погон на предната оска. Преносот на вртежниот момент се остварува преку менувачка кутија која има 6 степени на пренос и обезбедува максимални 40 км/ч, додека за движење наназад се користат 3 степени кои овозможуваат 29,5 км/ч. Во случај да се наиде на потежок терен автоматски се активираат двата затварачи на диференцијалите со чија помош се обезбедува максимална проодност. Распределбата на вкупната тежина по оски (13.5 тона на задните и 5.5 тона на предната оска) се смета за одличен компромис помеѓу проодноста и ефикасноста при разни теренски апликации.

Протокот и притисокот во хидрауличниот систем се чувствителни на моменталното оптеретување со кое се соочува машината, со што прецизно се дозира ангажираната моќност на погонскиот мотор, а тоа знаеме дека поволно влијае на заштедата на гориво.

Нож кој се сече и вертикално

Цврстината и крутоста на грејдерот е гарантирана со употребата на посебно цврсти челични профили, и тоа е податок кој е очекуван од секој продукт од ваков вид кој носи германски печат. Тоа што посебно се истакнува кај грејдерот на HBM, BG 180 TA-6 (6×6) е можноста за навалување на предните тркала по вертикално оска во моменти кога ќе се наиде на нерамен терен како и прилагодливоста на на плужната даска како по агол така и по височина. Системот за наклонување на ножот при регулирање на насипи кои се под одреден агол, е познат кај сите грејдери од понов датум. Но HBM Graders оди чекор понапред при што се обезбедува агол на дејствување од цели 90 степени и тоа како на левата така и на десната страна. И притоа електронски контролираната хидраулика овозможува максимален трансфер на вртежниот момент. Изведувачите на автопатски делници како и уредувачите на терени оваа можност ќе знаат посебно да ја ценат.

Прегледост од прилагодлива кабина

Работното место на операторот претставува тема на која производителот ставил посебен акцент. Комотно дизајнираната кабина е механички заштитена според FOPS и ROPS стандардите, и згора на тоа уште е додатно заштитена од механички вибрации и бучава.

Командите се стандардни со што повторно се дава приоритет на ефикасноста додека прегледноста во сите правци е на највисоко можно ниво. Во постигнувањето на голема прегледност при извршување на сите функции влијае и самата конструкција на грејдерите, но HBM таа функција ја појачува со поставување на моќни фарови како на предниот така и на задниот дел.

Сервисерите ќе бидат задоволни што пристапот до сите контролни точки и до поставеноста на моторот и филтрите лесно се пристапува со странично навалување на кабината и отварање на големиот заден капак.