Hitachi EX1200-6

Ако не може сé значи не може ништо!

Големиот багер на Hitachi може да работи и како ровокопач но и како натоварна лопата. И во двата случаи корисникот добива моќен, робусен, и исклучително издржлив партнер при извршувањето на тешки градежни апликации како и при работи во рударството.

Дефинитивно, Hitachi е посветен само на производството на багери и камиони. Се смета дека една третина од вкупниот број на багери кои денес се активни, го носат знакот на јапонскиот производител. Во широката палета на понудени багери Hitachi EX1200-6 зазема висока позиција во групата на големи снагатори. Максималната моќност на погонскиот дизел од 760 КС и оперативната тежина од 114 t (при натоварување) му ја обезбедуваат таа позиција. За да не остане сé само на маркатната појава и фасцинантните бројки, конструкторите се погрижиле за вградување на низа контролни системи и уреди кои на машината и обезбедуваат економична работа, лесно управување и едноставно одржување. Само како илустрација нека послужи примерот со електронската дистрибуција на расположивата сила помеѓу функциите за копање и ротирање, која се активира со едноставно вртење на копче.

Микро свет за операторот

Ако подницата на кабината се наоѓа на виочина од 182 cm јасно е во какво опкружување функционира операторот. Добро, иако до таа висина се качува по назабени скали, внтаре го очекува комфорен и пријатен амбиент. Управуњето со сите 760 КС се извршува во исклучително пространа кабина и пријатен амбиент. За постигнување на тие услови се грижи одличниот клима уред со степенасто филтрирање на воздухот, потоа воздушно амортизираното (по потреба и греено) седиште како и лесните и интуитивни команди. Во кабината е вграден и голем монитор во боја преку кој може да се следат сите параметри на машината. Системот дава можност и за сетирање на периодот потребен за сервис на одредени компоненти, за кој потоа операторот благовремено се известува. Заради комплетен увид на ситуацијата зад багерот и елиминирање на мртвите агли, монтирана е камера која сликата ја прикажува на истиот тој мултимедијален екран. Големите машини нормално е да работат и со големи товари па затоа кабината е поставена врз еластични држачи кои се исполнети со хидраулична течност. Токму затоа вибрациите и звукот во кабината се сведени на многу ниско ниво.

Пропорции

За да се стекне вистинска слика за големината на EX1200-6 ќе терба да се истакнат вредностите на оперативната тежина која во случај на ровокопач изнесува 112t додека кога е приклучена натоварната лопата таа тежи 114t. Носечката структура е изработена од посебно цврст челик и е отпорна на увиткувања. Посебно е внимавано на постигнувањето на баланс помеѓу функциите кога багерот работи како ровокопач или како натоварна лопата. За извор на силина се користи современ шестцилиндерски дизел мотор од 23.15 литри, со ознаките на Cummins, кој при полна пареа ослободува големи 760 КС и вртежен момент од импозантни 3.468 Nm. Во зависност од оптеретувањето и моменталните потреби, силината може да се котролира со бирање на посебен мод така да операторот одлучува дали ќе ги впрегне сите мускули или пак ќе се одлучи за заштеда на гориво. Во функција на заштита на погонскиот склоп и гасениците, конструкторите се погрижиле да ги обложат со посебен лим. Од друга страна за задржување на повижноста и стабилноста при работа на помеки терени, оставена е опцијата за избор на пошироки гасеници. Да не останеме покуси и за основните димезнии: широчина 5430 mm, височина до врвот на кабината 4.350 mm, должина 8.100 mm и газиште на гасениците 5.090 mm.

Капацитети

Како што рековме багерот може да работи како ровокопач или пак како товарна лопата. Во првиот случај понудена е опција за вградување на две големини на стрелата (7.5 и 9.0 m), четири големини на работната рака (3.4, 3.6, 4.7 и 6.0 m) како и четири големини на корпата (6.7, 5.2, 4.0 и 3.4 m³). Во зависност од вградниот сет зависат и параметрите на ископот кои се движат помеѓу 14.4 m во височина и 13.5 m длабочина. Во случај кога на багерот му е доверена функцијата на натоварна лопата, а самата лопата има капацитет од 6.5 метри кубни, тогаш таа може максимално да се подигне до височина на товарење од 12.4 m и да зафати до длабочина 4.78 m. Кога ќе се погледнат повнимателно таблиците на сите комбинации станува јасно: за извршување на секој вид на тешка физичка работа може да се најде вистинската комбинација на вградени компоненти.

Одржување

Иако самата појава на машината влева стравопочит, одржувањето е исклучително лесно и едноставно. Идејата е багерот што помалку време да поминува вон функција па затоа е вгарден инфо-систем за дијагностика. Менувањето на филтрите и маслото е едноставно со таа специфика што ладилниците за масло и течност на моторот се поставени паралелно додека ладилникот за хидрауличната течност е одделен. Притоа ладилниците имаат и систем за самочистење што во голема мера го олеснува нивното одржување а ја зголемува ефикасноста на ладење. Во прилог на ефикасното одржување можеме да го споменеме и сателитскиот комуникациски систем преку кој, по логирањето, корисникот може да комуницира директно со логистичкиот центар на Hitachi и да ги добие вистинските инструкции.