Hitachi SCX 1200-3

Лесно подигнување на тежок товар

Крановите на гасеници од Hitachi нудат сé што се очекува од современа работна машина: ефикасност, економична употреба и пролагодливост кон специфичните услови на експлоатација

Кранот Hitachi SCX 1200-3 е голема машина. Всушност како и останатите продукти кои ги нуди јапонскиот гигант од машинската индустрија. Тоа станува јасно веднаш штом се догледа масивната основа на која е монтиран кранот. Оперативната тежина од 122 тона (основната изведба) видлива е и со голо око. Исто како и работната рака изведена во решеткаста форма чија минимална широчина изнесува 135 cm за да во средишниот дел достигне цели 200 cm. Таа механичка основа овозможува подигнување на цели 120 тона до височина од 5 метри, односно во другата крајност, 20 тона на височина од 14 метри. Ако овие капацитети ги погледнеме одделно веднаш станува јасно дека новата серија кранови на Hitachi воопшто не се плаши од пренесување на голем товар.

Класична механика и комбинирано хидраулично коло

Основата на кранот ја сочинува архитектура преземена од серијата поголеми багери. Погонскиот мотор го испорачува Isuzu, има шест цилиндри во линија, при 1.900 вртежи ослободува 285 КС и ги исполнува Stage III-b нормите. Останатите димензии ја потврдуваат погоре кажаната констатација: Оските помеѓу гасениците (со нов, правоаголен дизајн) изнесува 684 cm а нивната височина 135 cm.

Од друга страна, носечката рамка е изработена во “X” облик со таа разлика што вкупната широчина изнесува големи 390 cm, односно кога ќе се земе предвид целиот траг, таа се искачува на 636 cm. Повторно класично, на задниот дел на машината е поставен контратег чија тежина (максимум 9 тона) зависи од очекуваната оптеретеност со која треба да се оперира.

Од оваа точка па натаму на сила стапуваат специфики карактеристични само за крановите. Тоа највеќе доаѓа до израз поради фактот што хидрауличниот систем се соочува со потреба од придвижување на носечката конструкција, потоа за ротација, за движење на трите витла како и на самата стрела.

Таа сложена задача инженерите на Hitachi ја решаваат со вградување на паралелни пумпи задолжени за придвижување на витлата како и една независна пумпа за придвижување на стрелата. Овој комбиниран хидрауличен циклус се однесу ва само за ситемот за дигање на товар додека за движење на машината и за ротирање се користатат идентични системи како и кај големите багери. Добро, разликата се прави и во економичниот мод на работа на витлите кои работат во зависност од оптеретувањето на кранот.

Прегледноста ја помагаат четири камери

На левата страна од кабината на операторот се наоѓа сет од команди со чија помош со голема прецизност може да се регулира операцијата на подигнување, пренос и спуштање на товарот. Системот против клатење на пренесуваниот товар, кој е карактеристичен при оперирање во ветровити услови, го знаеме од порано со таа разлика што во новиот кран е додатно усовршен.

Во раскошно димензионираната кабина се влегува преку лизгачка врата, а кога еднаш операторот ќе се смести, подесувајќи ги притоа командите спрема сопствените димензии, започнува целодневиот благопријатен престој на работното место. Заради целосна контрола на операциите во кранот се вградени четири камери а сликата од нив се прикажува на големиот дисплеј сместен на левиот столб од кабината. Инаку видливоста е таква да голем дел од интервенциите лесно се извршуваат и без помош на камерите.

Командите се толку интуитивни и класични што од Hitachi тврдат дека и необучен оператор за кратко време може ефикасно да ја извршува работата.

Транспортот е возможен

Една од најфасцинантните карактеристики на Hitachi SCX 1200-3 секако е начинот и можностите за транспорт. Имено, во носечката структура има вградено четири хидраулични носачи со чие спуштање се подигнуваат гасениците и потоа со помош на кранот лесно се преместуваат оставајќи ја носечката структура со широчина од само 300 cm и со тежина од 30 тона. Да не заборавиме да напоменеме дека (опциски) и во контратегот може да се вгради систем за монтажа односно демонтажа.

Исто така и подигнувачката секција може да биде ефикасно транспортирана и тоа без помош на посебни држачи и подметоци туку само со посебно изработени лежишта.

Монтажата е исклучително едноставна при што по симнувањето на носечката структура најпрвин се монтира подигнувачката секција со чија помош потоа се монтираат гасениците.