Визија на Hitachi
► Само автономни машини во рудниците
Знаеме колку е тешко рударството, како за луѓето така и за машините. Но додека тие издржуваат, а ако се расипат можат да се поправат, луѓето не. Затоа и Hitachi има визија во рудниците да работат само автономни машини, без луѓе кои ќе оперираат со нив. Заедничкиот проект со назив Solution Linkage е платформа која веќе се искористува кај одредени клиенти, меѓу кои и канадската компанија Wenco International Mining Systems. Да нема забуна, се работи за компанија која е дел Hitachi групата чија основна задача е развој и производство на компјутерски системи за управување и контрола на површинските рударски копови. Самата Solution Linkage платформа е базирана на определени стандарди осознаени од нивното искуство и се заснова на три принципи: отворена иновација, взаемна искористливост и партнерски екосистеми. Вака набројано звучи премногу стручно за да се сфати суштината, но во основа и не е. Со помош на автономните технологии треба да се избегнат ограничувањата во рамките на еден дел од операциите кои сега постојат, со цел да им се даде слобода на другите во системот да ги искористат технологиите независно од останатите делови. Тука пред сé се мисли на машинскиот парк, бидејќи токму кај него се и најголемите ограничувања и диспропорции во рамномерно распределените капацитети заради огромните инвестиции што треба да се вложат. Поинаку кажано, автономните технологии треба да ги засилат, па дури и отстранат сите сегашни слаби алки во синџирот наречен рударство.
Клучно во сето тоа ќе биде поврзаноста меѓу системите со цел намалување на ограничувањата кои меѓусебно влијаат. Во тој поглед Solution Linkage системот е планиран со него да може да се поврзат автономни машински паркови од различни производители во една интегрирана инфраструктура за управување, производство и логистиката. Важен елемент во тоа се партнерските екосистеми во кои клиентите или трети страни можат да ја подобруваат оваа отворена платформа на Hitachi со нови функционалности при автономното делување на машините. Притоа ризикот од прифаќање на новите технологии треба да биде намален до максимум. Оваа иновативна платформа веќе е имплементирана кај една од најголемите рударски компании во светот (Hitachi не кажува која), каде практично треба да се докажат интегрираните автономни машини и превозни средства кои се користат за транспорт како на самата локација на ископ така и надвор од неа.