Hitachi ZX135USL-5B

Багер за шумски потреби

► Хидрауличниот багер ZX135USL-5B, Hitachi го дизајнира специјално за шумарската индустрија каде што е потребно ископување, сечење и товарање на големи дрвени стебла

Со робусен изглед кој најавува цврстина и постојаност, Hitachi атакува на пазарот кој има потреба од специјализиран багер за работа на тешко проодни шумски локалитети. Всушност моделот ZX135USL-5B е модифицирана верзија на серијата Zaxus која е популарна и успешно функционира на глобално ниво. Со модификациите за употреба во шумаската индустрија се опфатени зајакнувањето на носечката структура, подигнувањето на најниската точка од тлото (клиренсот) како и додатната механичка заштита на гасениците. Тие измени, заедно со пократката работна рака, овозможуваат непречено движење по шумски терени како и зголемена покретност и побрз работен циклус. Со таква концепција, отварањето на патни траси по густ шумски предел не претставуваат никаков проблем. Откопувањето на корењата на големите стабла, потоа нивен пренос и товарење стануваат секојдневна рутинска обврска.

Робусен изглед во комапктни димензии

Иако хидрауличниот багер изгледа робусно сепак оперативната тежина која се движи помеѓу 13.400 и 14.900 kg ни дава до знаење дека сепак станува збор за компактна работна машина. Тој заклучок се потврдува и кога ќе се погледне погонскиот дизел мотор. Позајмен од Isuzu современиот четирицилиндерски комон реил со работен волумен од 2.999 ccm испорачува 98 КС и вртежен момент од 374 Nm. Иако овие бројки воопшто не делуваат спектакуларно сепак се и повеќе од доволни за покренување на трите хидраулични мотори. Два од нив се користат за придвижување на погонските гасеници а еден за ротација и за потребите на багерската секција. Всушност кога се говори за димензиите треба да се знае дека тие првенствено се ставени во функција на извршување на специфичните работни задачи. За движење се предвидени два мода: спор и брз. Во спориот мод максимално можат да се постигнат 2.8 додека во брзиот 4.6 км/ч. Многу поважно од тоа е екстремно брзиот циклус на ротирање на горниот дел на багерот, кој може да постигне цели 13.7 ротации во минута. Тоа делумно е овозможено и од релативно кратката работна рака која според избор може да биде со должина од 210, 252 или 301 cm.

Да се навратиме уште еднаш на димензиите. Гасениците се со газна површина од 379 cm, а нивна та широчина во основната верзија изнесува точно половина метар. Многу битен момент претставува и клиренсот (најниската точка од тлото) кој е поставен на високите, 59.5 cm. Тоа највеќе поради очекувано тешкиот терен со остатоци од камења и трупци низ кои мора да се движи багерот. Од останатите специфики би ги издвоиле и максималната височина на кабината која во оваа верзија изнесува 302 cm како и поставувањето на контратег поради обезбедување на стабилност при манипулирањето со тежок товар.

Класичен Hitachi

Во однос на конструкцијата на кабинскиот простор како и на потребите за контроли и одржување, моделот ZX135USL-5B претставува класичен Hitachi. Тоа подразбира дека сервисните точки се групирани во една точка а контролата на работните параметри може да се изврши од самата кабина. Производителот посебно ја истакнува изолираноста на кабинскиот простор и комфорот кој го ужива операторот. Релативно малиот дизел мотор е изолиран до тој степен да во кабината може да се слуша тивка музика, а исто така и механичките вибрации и удари се чувствуваат само во придушена форма.