Hitachi ZX220W-5

Најголем меѓу малите

Иако е поточно да кажеме најмал меѓу големите, багерот на тркала ZX220W-5 е најголем од Zaxis серијата на Hitachi која ги опфаќа помалите машини од овој производител

Со самото споменување на Hitachi веднаш се помислува на нешто поголемо од големото, нешто огромно, многутонско. Затоа е и дилемата дали овој багер на тркала да го наречеме најмал меѓу големите или пак најголем меѓу малите. Технички прецизно гледајќи тој е второто, но во секој случај претставува еден комплетен пакет кој ќе ја заврши работата како да е првото наведено. Која е тајната формула?

Едноставно – ја нема, барем не како тајна. За да се постигне тоа што Hitachi го има постигнато со овој багер потребни се децении и децении напорна работа каква што само Јапонците можат да поднесат. Плус на тоа треба малку и европско сфаќање на маркетингот, односно потребите на пазарот и клиентите. Ако сето тоа се заокружи со инженерско знаење собрано од целиот свет, тогаш се добива производ како овој. А каков е тој, најдобро илустрираат сведоштвата на изведувачот Grötz GmbH & Co. KG. Оваа германска компанија веќе користеше машини од Zaxis сериите за широк спектар на проекти, така што однапред знаеше што добива. За илустрирање на нејзината стручност и прецизност во изборот на машинерија нека послужи податокот дека е основана пред повеќе од 100 години и има 500 вработени само во своето седиште во Гагенау. Покрај тоа, преку своите филијали работи и во Франција, Швајцарија и Полска, на широка палета услуги кои ги извршува по нарачка и според барањата на клиентите од јавниот и приватниот сектор за разни градежни работи меѓу кои и патишта, железнички и општи проекти. Ги користи машините на Hitachi повеќе од четири децении и има комплетна доверба во нив. За тоа сведочи и Курт Кремер кој е регионален менаџер за продажба на Hitachi, кој кажа дека ниту една од неодамнешните набавки на машини кои Grötz ги изврши не е покриена со продолжена гаранција или некаков сервисен пакет, бидејќи тие сметаат дека машините што ги купуваат се толку добри што не им треба дополнително покритие. Тој дообјасни и дека при преговорите со Grötz разбрал дека некои од Zaxis-3 моделите кои тие ги користат иако имале акумулирано и по 8.000 работни часови, се во перфектна состојба заради што во Grötz толку веруваат во сигурноста и доверливоста на машините на Hitachi.

Тоа впрочем веќе го потврди и првиот проект на кој беше ангажиран ZX220W-5 – шестнеделна работа на откоп за дренажа во објектот на тест-центарот на европскиот дистрибутер на делови на John Deere. Задачата беше да се инсталира подземна дренажна цевка и на песоклива почва да се ископа базен кој ќе ја собира дождовница од асфалтот на тренинг полигонот кој претходно се поплавуваше. Ископувајќи по 800 кубни метри дневно, ZX220W-5 се покажа како идеална машина за овој вид на работа. Дури и повеќе, како што потврди надзорникот на проектот Ален фон Бон: „Овој багер на тркала е квалитетен производ и целосен пакет за извршување широк спектар на задачи – од копање ровови до товарење на камиони. Тој тука мораше да работи на песоклива површина, а потоа да се движи по асфалтниот пристапен пат за да продолжи со работа на трева. Да не можеше тоа ефикасно да го направи, нам ќе ни требаа две различни машини“.

Слично размислува и Рихард Лајболд кој работи како оператор 22 години: „Јас сум навистина задоволен со целокупната изведба на ZX220W-5“, вели тој. „Го прави токму она што сакам да го направи, и тоа моќно, стабилно, глатко и брзо. Моќноста и капацитетот за кревање се исто така импресивни, а управувањето е најдобрата карактеристика на машината, одлична за машина од оваа класа. Сé што е во кабината е исто така одлично, особено ниското ниво на бучава, климатизацијата и удобното седиште, што е многу важно за багер на тркала. Имам добар преглед на страните и тркалата, а додатоците лесно се менуваат. Мултифункционалниот монитор е исто така корисен за проверка на потрошувачката на гориво, информациите за работата и следење на камерата на задниот преглед, што ја користам често особено кога мора да ја свртам машината“.

Тој всушност од практичен аспект гледано ги објасни конструктивните карактеристики на овој багер на тркала од средна тежинска категорија. При тоа за основа се зедени пет клучни цели – перформанси, продуктивност, удобност, издржливост и сигурност. Со нивна имплементација е покриено сé што сопствениците на компаниите бараат – висококвалитетни и продуктивни машини кои можат да работат ефикасно, дури и во предизвикувачки услови. Во пакет со тоа операторите добиваат безбеден и функционален простор за работа и машина која својата со брзина и прецизност може да одговори на нивните вештини.

А таа е со оперативна тежина меѓу 21.400 и 24.000 килограми и има мотор од 164 коњски сили кој ѝ обезбедува сила на кинење од 158 kN. Може да биде опремена со корпа со зафатнина меѓу 0,51 и 1,40 кубни метри, а максималната длабочина на копање се движи од 5,26 до 6,31 метри. Засилената шасија и цврстата стрела овозможуваат справување и со тешки терени за ископ. Новиот систем за прицврстување на додатоците овозможува нивна лесна и брза замена и мало потребно време на неоперативност меѓу различни задачи, кое и онака е кратко заради подвижноста на машината која ја обезбедуваат гумените тркала заради што не му треба специјална приколка за транспорт од една на друга локација. Ниските вкупни трошоци на сопственост се подразбираат, како и високата вредност при препродажба. Тоа го гарантираат издржливите компоненти конструирани од експертите на Hitachi. Тука спаѓа и хидрауличен систем проектиран да овозможи поголема продуктивност со помала потрошувачка на гориво од претходните модели. ZX220W-5 е опремен и со функции за работа во место и автоматско исклучување, со што освен заштедата на гориво се намалуваат и емисиите на јагленород диоксид.

За крај, треба ли да споменеме дека Hitachi Construction Machinery е најголемиот производител на градежна машинерија во светот? Како доказ ќе ви наведеме дека компанијата има имот во вредност од илјада милијарди и годишен обрт од 750 милијарди јапонски јени. На вас ќе оставиме да ги конвертирате во валута која најдобро ќе ви илустрира колку е тоа.