Туѓи ноти, своја музика
► Во Америка постои еден свет на Honda кој ние не го познаваме
Слабо познат факт надвор од САД е дека Honda има свој пикап, кој јапонскиот производител таму го произведуваше и нудеше од 2005 година под името Ridgeline. Уште послаб факт е дека иако слабо се продаваше и Honda го прекина неговото производство полани летото, не се откажа од него. Така посетителите на салонот во Детроит годинава можеа да ја видат неговата втора генерација, која и понатаму ја има истата самоносечка конструкција преземена од кросоверот Honda Pilot со попречно монтиран 3,5 литарски V6 мотор. Силата не му ја кажаа но се пофалија дека со шестстепената автоматика на овој пикап му дава најдобри во класата забрзувања и економичност. Единствено нешто што купувачите можат да бираат кај погонската група е погонот само на предните или сите четири тркала, во кој случај карактеристиките на преносот се бираат според претходно конфигурираните Normal, Sand, Snow и Mud режими на возење.
Без двоумење, Ridgeline е најприспособливиот пикап на американскиот пазар. Можеби и заради тоа таму го доживуваат како ‘помека’ алтернатива на традиционалните владетели во овој сегмент. Ако судејќи според изгледот и не е некој заводник, Ridgeline ќе ги заведува купувачите со бројните необични решенија, како што е на пример товарниот дел отпорен на гребење во кој се вградени исправувач на наизменична струја и – верувале или не – аудио систем од 540 вати. Вратата на задниот товарен дел му се отвора на два начини – странично и со спуштање, а има носивост од нешто повеќе од 700 килограми. Долг е околу 5,35 метри, широк повеќе од 2,1 метар, тежок околу 2 тона, а карактеристика на двојната кабина со четири врати е рамниот под. Тоа му дава чудно искомбинирано чувство на комфор меѓу пикап и кросовер, додека во возењето е поблизу до автомобил. Од таму е преземено и решението со поделена задна клупа во однос 60:40, нешто што ниту се среќава, ниту пак многу се користи кај пикапите. Исто како и кај автомобилите електронска безбедносна опрема не му недостасува, а богатиот избор на умно изведени специјализирани додатоци му помага во задоволувањето на специфичните вкусови и барања на купувачите.
И покрај малите бројки на продажба (најмногу 55 илјади во 2006-тата, а во последниве неколку години околу 15 до 20 илјади), Ridgeline е еден од најпрофитабилните модели на Honda во Северна Америка. Причината за тоа се енормно ниските трошоци за неговиот развој – околу 250 милиони долари, односно половина од вообичаеното.