Husqvarna секачи за подлога

Менување на правилата на играта

Некогаш позната по мотоциклите а сега по опремата за шумарството и градинарството, шведската Husqvarna има сериозно моќна гама секачи за подлога со индустриски квалитет

Групата Husqvarna основана пред скоро 330 години (да, добро прочитавте – корените и датираат од 1689-тата) има доживеано доста пресврти во својата историја. Од нејзиниот понов дел нам ни е најпозната по мотоциклите кои денес се сосема независна компанија со седиште во Австрија, но и по опремата за шумарството и градинарството. Еден нејзин дел останува послабо познат на пошироката јавност, но доста добро котиран во стручните кругови, оние што се занимаваат со тоа. Зборуваме за Husqvarna Construction дивизијата на шведската група, која во аналите како своја стартна година ја има забележано ’68-та, кога се има појавено првиот рачен секач со ротациона електрична пила. Развојот на бизнисот од овој едноставен но моќен алат ја рашири понудата на цела гама машини за секоја индустриска употреба, вклучувајќи и роботи за рушење.

Ние овој пат ќе се задржиме на секачите за подлога, кои се неизоставен дел од опремата на секоја фирма што се занимава со градежништво, поставување инсталации и слични дејности каде е потребно привремено или трајно отстранување на веќе поставена цврста подлога – асфалт, бетон и друго. Експанзијата на овие корисни алатки беше потпомогната од цивилизацискиот развој на општеството со потребата од поставување нови инсталации таму каде ги немало (подземни телефонски кабли, на пример) или пак обновување на постоечките во веќе изградени реони. Но ако тогаш беше најбитно подлогата да се врати најверно можно до претходната состојба, денес работите малку се изменети. Добар секач мора да има оптимално избалансирани моќ, ергономија и подвижност – издржливоста и долготрајноста се подразбираат. Плус на тоа, сé повеќе се внимава и на еколошкиот аспект и бучавата. Сите овие фактори мора да се земат предвид при конструирањето за да се добие максимално ефективна машина. Искуството од половина век што го има Husqvarna во производството на секачи за подлога ѝ овозможува и повеќе од тоа – поставување на трендовите и менувањето на правилата на игра во оваа индустриска дејност.

Во својата гама секачи за подлога Швеѓаните имаат повеќе модели – од мали агилни со бензински мотор од 5,6 коњски сили до големи мастодони со дизел мотор тешки повеќе од 1.300 килограми. Ќе започнеме токму од нив, поточно од најголемиот, сосема новиот модел FS 7000 DL. Тој со својата пила со дијаметар од цели 1,5 метри може да исече подлога до 623 милиметри длабочина. Силата за тоа ја добива од 2,9 литарски Deutz турбо дизел мотор со 74 коњски сили и Stage IIIB / Tier 4 стандарди за емисиите на издувните гасови. Може да биде опремен со тристепен менувач и петто тркало за полесна подвижност. Малку помал е моделот со иста ознака но без буквата L. Задвижуван е од истиот мотор, а има пила со пречник од еден метар и може да исече 44 сантиметри асфалт или бетон. На спротивниот крај на спектарот, пак, се наоѓа малиот FS 305, кој има тежина од едвај 54 килограми. Пилата од 350 милиметри му дозволува сечење подлога со дебелина до 125 mm, а ултракомпактните димензии пристап до тешко достапни места. Лесен е за транспорт, уште полесен за ракување и одржување, а нивото вибрации сведено на минимум. Меѓу овие две крајности се наоѓаат уште десетина модели секачи поделени во неколку семејства. Заедничко на сите им се напредните технологии со кои се опремуваат, како што се електронското следење на патеката кај поголемите модели и интуитивниот и ергономски контролен панел со кој се контролираат функциите.

Секако, клучно за перформансите на сечење е самата пила, без разлика на големината и изведбата. Заради тоа и Husqvarna за своите секачи за подлога користи дијамантски пили, обработени со специјална револуционерна технологија. Оптималната дистрибуција овозможува максимум ефикасност и долготрајност, без оглед на изложеноста на напор при сечењето потврди материјали, како армиран бетон на пример. Швеѓаните имаат развиено повеќе видови пили за разни намени, во зависност од материјалот што се сече и самата машина, но за поедноставен избор тие се поделени на три секции – златна серија за интензивна професионална употреба во сложени услови, сребрена за општа употреба и бронзена за повремени работи, со избалансирани перформанси и цена.

Во целата приказна за машините на Husqvarna Construction не смее да се испушти поддршката што производителот преку продажно-сервисната мрежа им ја дава на своите клиенти. Без неа не би било можно постигнувањето максимална продуктивност.