Husqvarna PP 418

Портабл-хидраулика за на терен

Зошто Попај морнарот е најсилен? Затоа што секогаш со себе има конзерва спанаќ

Ефикасноста на работата на терен директно зависи од енергијата која е на располагање за погон на машините. И додека кај грубите градежни зафати на отворено нема никаков проблем со тоа, секоја работа во потешко достапна околина е предизвик за себе. Посебно при рушењето и подготовките за него, или пак доработките и преправките во веќе изградени објекти. Таму, јасно, не може да влезе ниту една машина, дури ни оние со скромни капацитети – сé е препуштено на рачниот алат. А тој, по правило, е електричен, што само по себе ги ограничува неговите можности бидејќи конструкцијата на рачен електричен алат со посериозна продуктивност едноставно е невозможна заради габаритите и тежината на електричните компоненти. Заради тоа, колку е машината помоќна, толку е потешко со неа да се работи.

Решението за излез овој маѓепсан круг Husqvarna Construction го има во облик на портабл-хидраулика за на терен, која служи за задвижување на серија нивни алати. На тој начин нивната тежина и габарити се задржуваат на ниво лесно за манипулација, а моќта со која располагаат многукратно се зголемува. Еден таков продукт е преносниот хидрауличен систем PP 418, кој работи на бензин. Неговата моќ и големина се избалансирани во оптимален однос да обезбедат максимум перформанси од хидрауличната опрема и да биде совршен извор на енергија за неа. Тежок е 135 килограми, заради што е поставен на тркалца и има специјално сидриште на врвот за закачување на дигалка. Компактните димензии – должината од 895 mm со склопена рачка, ширината од 530 mm и висината од 740 mm овозможуваат лесно да се однесе каде и да треба во внатрешноста на секој објект, при што цевната метална рамка го штити од оштетувања.

Прилагодливата хидраулична пумпа обезбедува проток од 20, 30 или 40 литри во минута, со максимален притисок од 140 бари. Дозирањето е автоматско, во зависност од оптоварувањето и потребата на разните алатки приклучени на него. Десетте литри ISO 46 хидраулично масло се ладат со голем вентилатор за да се обезбеди максимален век на траење како на маслото, така и на машината. За тоа се грижат и двата негови филтри кои се менуваат на 100 работни часа или еднаш годишно, заедно со маслото. Опремен е со хидраулични црева од половина инч долги 7,5 метри, кои може да се продолжат до максимални 40 метри. Двоцилиндричниот воздушно ладен Briggs & Stratton мотор од 18 KS работи на безоловен бензин со низок октански број, а може да користи и E10 етанол. Се подмачкува со 1,4 литри синтетичко масло, без употреба на специјални адитиви, кое се менува на секои 50 работни часа заедно со филтрите за масло и воздух. Филтерот за гориво, пак, се менува на 250 часа. Во резервоарот за гориво собира 7,9 литри, а акумулаторот му е обичен автомобилски од 12 V и 230 A.