Hyundai автономен вилушкар

Сам свој носач, сам свој возач

► Hyundai Construction Equipment стана првата корејска компанија која разви автономен вилушкар

На свечена церемонија пред стотина избрани гости, Hyundai Construction Equipment го претстави првиот корејски автономен вилушкар за чија работа не е потребен оператор. Демонстрацијата вклучуваше и некои сродни технологии кои помагаат автономниот вилушкар да ја одреди оптималната траекторија на движење, како и да може далечински да се управува. За негово автономно движење се грижи систем на контрола на возилото со 2Д безбедносни ласерски скенери кои можат да го согледаат околината. Ги детектира подвижните објекти на 1 метар растојание и застанува на 10 cm пред нив за да се спречи контакт со нив. Ако на патеката се наоѓа неподвижна пречка, автоматски ја заобиколува. Базиран е на електричниот 16BRJ-9, има носивост од 1.600 килограми и висина на подигнување од 10,5 метри, а се движи со брзина од 2,9 km/h.

Иднината на автономните вилушкари се гледа во тоа што тие ја зголемуваат продуктивноста и го забрзуваат логистичкиот процес со оптимизирање на управувањето со магацините. Тие, исто така, во голема мерка го намалуваат ризикот од несреќи на индустриските простори кога се движат по планираната патека. Со овие придобивки, автономните вилушкари можат во голема мерка да придонесат за подобрување на оперативната ефикасност во магацините каде што се вклучени задачи кои се повторуваат, посебно во мал и тесен простор или пак индустриски простори каде се бара целодневно работење. Особено се очекува да ги исполнат потребите на производствените компании кои имаат усвоено паметна фабричка околина која им овозможува на раководителите на погоните да имаат далечински пристап до опремата и машините.

Во подготовките за четвртата индустриска револуција, Hyundai Construction Equipment проактивно се вклучи во логистиката со паметни решенија. Покрај покажаниот автономен вилушкар, оваа корејска компанија амбициозно планира да го заврши до крајот на оваа година развојот на системот за контрола на батериите за управување со преостанатиот напон и системот за безжично полнење. „Бидејќи пазарната околина сé повеќе бара подобрена оперативна ефикасност, автоматските и автономните решенија за логистичките процеси привлекуваат поголемо ниво на внимание и побарувачка”, изјавија официјални личности на компанијата. „Ние сме подготвени да ја преземеме водечката улога во формирањето на четвртата индустриска револуција, фокусирајќи се на развојот на напредни решенија за логистиката”.

Според неодамнешниот извештај на американската истражувачка и консултантска компанија MarketsandMarkets, глобалниот пазар за автоматски управувани возила, вклучувајќи ги и автономните вилушкари, се проценува дека во наредните пет години од сегашните 1,86 милијарди американски долари ќе порасте за 50%.